1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протестите во Тајланд ескалираат

ЖА/дв/дпа/ртре2 декември 2013

Најмалку четворица загинати и над сто повредени лица - тоа е билансот на сѐ пожестоките судири меѓу владините приврзеници, противниците и силите на безбедноста во Тајланд.

https://p.dw.com/p/1ARUU
Фотографија: Reuters

Во Тајланд и денеска (02.12) продолжуваат демонстрациите во престолнината Бангкок. Водачот на опозицијата, Сутеп Таугсубан ги повика државните службеници да не се појават на работните места. На владата на премиерката Јинглак Шинаватра тој ѝ постави ултиматум - очекува нејзина оставка до утре. Тајландската полиција денеска употреби солзавец и водени топови против демонстрантите кои повторно се обидуваат да упаднат во зградата на владата во Бангкок. Најмалку четири лица загинаа и околу 100 се повредени во текот на викендот за време на протестите за оставка на премиерката Јинглак Шинаватра.

Покрај со полицијата, антивладините демонстранти се судирија и со приврзаниците на Шинаватра. Силите на редот вчера, исто така, со солзавец и водени топови ги одбија демонстрантите, кои се обидуваа да ја заземат зградата на владата и полициската управа.

Противниците на владата во Тајланд од 24 ноември се обидуваат да ги заземат владините згради, кога опозицискиот лидер Сутеп Таугсубан ја почна кампањата за блокирање на администрацијата на Шинаватра и „воведување на народна управа“ во земјата.

Под контрола на демонстрантите се зградите на Министерството за финансии, Управата за истраги, националниот Телеком и Агенцијата за комуникации, а од вчера и Националната телевизија.

Thailand Antiregierungsproteste in Bangkok 2. Dezember
Фотографија: Reuters

Најновите протести во Тајланд се разгореа поради владиниот предложен закон за амнестија, кој би му овозможил враќање во земјата на братот на премиерката Јинглак Шинаватра. Владејачката партија во меѓувреме го повлече законот. Таксин Шинаватра беше соборен пред седум години со пуч на војската. Тој живее во егзил и многумина критичари сметаат дека тој ги влече конците на власта, а неговата сестра е само негова марионета.

Соборувањето на Таксин Шинаватра во 2006. година предизвика длабока поделба во тајландското општество и до денес доведе до бројни владини кризи. Т.н. црвени кошули имаат силна поткрепа посебно во земјоделските региони на земјата. Владините противници, познати како жолти кошули, пред сѐ се луѓе од редовите на администрацијата и војската, како и на стопанството и средната класа.