1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пропаст на германскиот проект за беспилотни летала

Елке Зантнер/Б.Георгиевски21 мај 2013

Се работи за проект на европски беспилотни летала, кои поради недостаток на заштита во случај на судир не добија дозвола за германскиот воздушен простор. Трошоците се проценуваат на 560 милиони евра.

https://p.dw.com/p/18bIm
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Еурохок“ е името на пропаднатиот мега-проект на германскиот Бундесвер. Леталата без екипаж требаше од голема височина да собираат чувствителни податоци. Најголемиот проблем е што министерството за одбрана се обидело да ги прикрие вистинските податоци пред Државниот завод за ревизија. Ревизорите добиле само затемнети документи. Притисокот врз германскиот министер за одбрана расте, опозицијата бара одговорност.  Што знаел за тоа германскиот министер за одбрана Томас Де Мезие?

„Тоа е скандал. Неприфатливо е владини документи да не можат да бидат испитани од Сојузниот уред за ревизија“, оценува Ханс Петер Бартелс, пратеник во Бундестагот на опозициската СПД.

Дури минатата недела, министерот за одбрана го запре проектот, кој пропадна поради немањето одобрение за летови во германскиот воздушен простор. Со тоа практично беа фрлени во вода половина милијарда евра.

„Потрошивме повеќе од 500 милиони евра за едно пробно летало од САД, а потоа и уште стотици милиони за дополнителни истражувања. За што? За ништо“, вели Грегор Гизи, шеф на пратеничката група на Левицата.

Германската влада учествува во уште еден сличен заеднички проект за НАТО-беспилотно летало- „Глобалхок“. Германските трошоци заедно со САД се огромни, досега: 483 милиони евра. Експертите стравуваат дека и овој проект може да пропадне. Според политичарите од владејачката коалиција единствената шанса за спас на овој проект е тој да биде вклучен во некој заеднички потфат со европските или со израелските партнери.

Thomas de Maiziere Kauf Drohne Euro Hawk Archivbild 2011
Томас Де Мезие покрај макета на пропаднатиот проектФотографија: Reuters

„Поаѓам од тоа дека целиот проект со САД пропадна и дека треба да побараме европско решение, кое можеби ќе го реализираме заедно со Израел“, вели Јирген Копелин, пратеник на Либералите- ФДП.

Германскиот министер за одбрана на почетокот на јуни треба да се изјасни на оваа тема пред парламентот. Во секој случај тој ќе треба да одговори на многу прашања. Во минатонеделниот настап пред парламентот, Де Мезие го правдаше прекинот на проектот како одговорен чин.

„Подобро е мизерен крај, отколку мизерија без крај“, порача Де Мезие во Бундестагот.