Пропаганден потег на Северна Кореја?
6 април 2009Јапонските весници се преплавени со фотографии и извештаи за тестирањето нова ракета на севернокорејскиот режим. Граѓаните реагираат вознемирено:
„Тоа е застрашувачки!“
„Не видов ништо дека прелета преку нас, а ништо ни не падна на наша територија.“
Радарите и сателитите забележаа дека ракетата со долг дострел од Северна Кореја полетала во 11 часот и 30 минути по локално време и го надлетала северниот дел на главниот јапонски остров - како што беше и најавено. Еден дел од ракетата паднал во Јапонското море, а остатокот завршил некаде во Тихиот океан околу 2.100 км подалеку на исток. Јапонската армија не мораше да ги употреби ракетите од тип „Патриот“ за против-воздушна одбрана, што беа подготвени за случај севернокорејскиот проектил да излезе од контрола. Јапонскиот премиер Таро Асо порача: „Лансирањето на ракетата беше јасна провокација, што нема да ја толерираме. Тоа претставува кршење на резолуцијата на ОН и затоа ќе реагираме соодветно, заедно со другите држави.“
Остра осуда
Активирањето на ракетата наиде на остра критика од американскиот претседател Барак Обама, кој беше во посета на Чешка, како и од јужнокорејскиот министер за надворешни работи Ју Мјунг Хван. НР Кина, пак, ги повика на разум сите земји од регионот и со тоа и’ даде индиректна поддршка на владата на Северна Кореја. Официјален Пјонг Јанг се огласи со официјално соопштение: „Нашата земја испрати сателит во вселената, кој има апарати што емитуваат пофални песни за генералот Ким Ил Сунг и неговиот син генерал Ким Јонг Ил.“
Под сличен изговор беше лансирана и претходната ракета во 1998 година, но ни тогаш, како ни сега, не е регистриран никаков сателит. Набљудувачите сметаат дека станува збор за манифестација на сила во однос на САД, како и пропаганда за воената моќ на Северна Кореја во очите на земјите потенцијални нарачатели на вакви ракети со долг дострел како Сирија, Либија и Иран.
Автор:Петер Кујат/Горан Чутановски
Редактор: Жана Ацеска