1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пронајден е украдениот радиоактивен материјал

ЖА/дв/дпа/ртре5 декември 2013

По кражбата на контејнер со радиоактивен материјал во Мексико, полицијата успеа да го пронајде и опасниот товар да го обезбеди. Крадците го оставиле на отворен простор опасниот радиоактивен кобалт-60.

https://p.dw.com/p/1ATIf
Фотографија: fotolia/Thomas Bethge

Мексиканската полиција го пронајде контејнерот со радиоактивен материјал изотоп кобалт-60, кој се наоѓаше во камион што беше украден во близина на Мексико Сити, соопшти синоќа мексиканската Комисија за нуклеарна безбедност.

„Крадците ги извадиле материјалите од контејнерот при што се изложиле на опасно ниво на радијација“, изјави претставник на Комисијата, истакнувајќи дека тие се наоѓаат во животна опасност. Можно е крадците да не знаеле за каков товар се работи и на каква опасност се изложиле.

Областа околу украдениот камион е оградена. Претставникот на Комисијата додаде дека се планира најбрзо што може радиактивниот материјал да се врати во контејнерот, но не прецизираше каде точно се наоѓа камионот. Засега не се знае колкумина луѓе дошле во допир со опасниот материјал и биле озрачени. Министерот за здравство на сојузната држава Мексико Педро Луис Нобле за локалните медиуми изјави дека радиоактивниот материјал може да убие човек кој четири минути бил изложен на зрачење.

Изотопот кобалт-60 се користи за лекување на рак со радиотерапија. Материјалот требало да биде доставен до Националниот центар за нуклеарни истражувања на Мексико. Камионот беше украден во понеделникот во централниот дел на Мексико. Возачот изјавил дека со камионот застанал на бензиска пумпа, каде двајца му се заканиле со оружје и му го одзеле камионот. Според Меѓународната агенција за атомска енергија, кобалт-60 не може да биде користен за правење атомска бомба, но може да се употреби за т.н. валкана бомба, кај која радиоактивниот материјал се меша со конвенционални експлозиви заради поголема ударна моќ.