1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

080210 Ukraine Stichwahl

8 февруари 2010

Според најновите прогнози по пребројувањето на 95% од гласачките ливчиња, иден претседател на Украина ќе биде Виктор Јанукович. Противкандидатката Јулија Тимошенко побара да се причекаат конечните резултати.

https://p.dw.com/p/LvUp
Лидерот на опозицијата, Виктор ЈануковичФотографија: AP

Победата на Виктор Јанукович уште не е сигурна. Тој веќе се прогласи за победник, бидејќи проценките му даваа предност пред противканидидатката Јулија Тимошенко. Но, таа предупреди да не се избрзува, туку да се причека до пребројувањето на сите гласачки ливчиња. Тимошенко исто така најави дека ќе се бори за секој глас и дека нема да дозволи да има какви и да е изборни манипулации.

При гласањето вчера таа настапи државнички: „Им честитам на сите на оваа прослава на демократијата, на која сите луѓе можат слободно да ја изразат својата волја и да ја градат среќната иднина на нивната земја. Јас гласав за нова Украина, за среќна, богата и убава Украина, за Украина како европска држава.“

Втора „портокалова револуција“?

И во оваа прилика актуелната премиерка на Украина, Јулија Тимошенко ги повтори критиките на сметка на противкандидатот Јанукович за изборни манипулации и најави дека ако треба ќе оди до суд за да се проверат сите спорни резултати. Неодамнешната промена на изборниот закон за составот на Изборната комисија предизвика остра јавна полемика меѓу таборите на двајцата главни кандидати. Но, малку кој верува дека во Киев ќе дојде повторно до масовни протести, како пред пет години при „портокаловата револуција“. За голем број избирачи излегувањето пред бирачките кутии се сведе на одбирање на помалото од две зла.

Ukraine Präsidentenwahl - Yulia Tymoshenko
Противкандидатката, Јулија ТимошенкоФотографија: AP

„Помалото од две зла“

Лидерот на опозицијата Јанукович вчера на денот на изборите се чинеше уверен во сопствената победа, но и овој пат беше штедлив на зборови: „Гласав за промена, за стабилност, за силна Украина. Сметам дека доволно избиравме и денеска го правиме првиот чекор кон надминување на кризата.“

Реално гледано ниту Јанукович, ниту Тимошенко не понудија издржани концепти за извлекување на земјата од криза. Напротив обајцата соперници во вториот круг се послужија со популистички пароли и ветувања, како и со тешка критика на сметка на противникот. Така заменик-претседателот на партијата на Јанукович, Кољесников побара од Тимошенко да поднесе оставка на премиерската функција и најави барања за гласање недоверба против нејзината влада во парламентот. Коалицијата на Тимошенко е навистина кревка и таа треба да се загрижи за премиерската функција.

Официјално соопштение на ОБСЕ за текот на изборниот процес се очекува во текот на денот. Во меѓувреме набљудувачи од Советот на Европа и Европскиот парламент изјавија дека немаат никакви индиции за изборни манипулации.

Автор: Штефан Лак/Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска