1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Промената на климата - закана за светскиот мир

21 јули 2011

Членките на Советот за безбедност на ОН во Декларација признаа дека затоплувањето на Земјата може да води кон загрозување на светскиот мир. Предлогот на Декларацијата, кој го подготви Германија, на почеток беше спорен.

https://p.dw.com/p/120kt
Советот за безбедност на ОНФотографија: picture-alliance/dpa

„Советот за безбедност на ОН е загрижен дека губењето на копнена површина на малите островски држави преку покачувањето на нивото на морето може да има безбедносно политички последици“, гласи Декларацијата околу која се усогласија 15-те земји во Советот ноќеска.

Конечниот текст беше срочен по низа макотрпни преговори околу неговата содржина. Германија инсистираше на значително појасна формулација, но Кина и Русија најпрво го одбија германскиот предлог, кој сугерираше многу потесна зависност меѓу промената на климата и меѓународниот мир.

Декларацијата не е резолуција и претставува всушност само став на претседателот на Советот, во овој месец, германскиот амбасадор во ОН, Петер Витиг. Но, со оглед што државите од Советот за безбедност гласаа за тоа, документот има извесна политичка тежина. Германија овој месец претседава со Советот за безбедност на ОН.

Товар за земјите во развој

Peter Wittig deutscher UN-Botschafter im UN-Sicherheitsrat
Фотографија: picture-alliance/dpa

Раководителот на Програмата на ОН за екологија, Ахим Штајнер претходно во дебата на пленум ги изнесе конкретните опасности од промената на климата. Природните катастрофи како поплавите, ураганите и сушите пред се‘ во земјите во развој вршат целосни уништувања на она што е досега постигнато. Тоа за последица има социјална нестабилност, предупреди Штајнер.

И генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, предупреди од последиците на климатските промени врз меѓународната безбедност. Индустриските и државите во засилен економски развој мора подеднакво да ја споделат одговорноста:

„Кога се работи за климата на нашата планета, не постојат гледачи отстрана“, изјави Бан. Бројот на бегалци од климатски причини ќе расте во корелација со ширењето на пустините и покачувањето на нивото на морињата.

Успех по упорноста на Германија

Achim Steiner Direktor UN-Umweltprogramm UNEP
Фотографија: picture-alliance/dpa

Откако по преговорите Декларацијата конечно беше усвоена, германскиот амбасадор во ОН Петер Витиг ја пофали сепак „соработката и флексибилноста“ на членките на Советот.

„Нашите дебати доведоа до резултат и тоа е добра вест, нашата стрпливост се исплатеше“.

Важно е што двата централни елементи на германскиот предлог на Декларацијата-признавањето на загрозувањето на светскиот мир преку климатските промени и обврската генералниот секретар да подготвува извештаи, остаанаа.

„Сега е на потег генералниот секретар, кој треба да се погрижи ова да се спроведува во пракса“, истакнува Витиг.

Автор: Марион Линенбрик/ Жана Ацеска

Редактор: Трајче Тосев