1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Производителот на лондонското црно такси во стечај

Алекса Мејер / Александар Методијев13 јануари 2013

Тие му припаѓаат на Лондон како и Биг Бен или Тауер бриџ - лондонските такси возила. И покрај нивната омиленост, производителот Манганиз бронз, попознат како Лондон такси компани, мораше да поднесе барање за стечај.

https://p.dw.com/p/17Dly
Фотографија: by-nacaseven-nc-nd

Производителот на легендарното црно лондонско такси се надеваше на финансиска инјекција од мнозинскиот кинески акционер Џили. Сега се надева на нов купувач...

А, тие се толку британски како речиси ништо друго во Лондон. Околу 22.000 такси возила во различни бои се на улиците во главниот град на Велика Британија.

Мартин вози такси во Лондон од пред 18 години. Презимето не сака да го открие, бидејќи се’ уште не знае дали сака да му остане верен на производителот.

„Јас се’ уште не знам. Имам измешани чувства за тоа. Многу измешани“, вели таксистот Мартин.

London Taxis
Црното такси е еден од симболите на ЛондонФотографија: by-Patrick Mayon-nc-nd

Тој ја сака својата работа и со задоволство вози низ Лондон. Но, тој знае дека на производителот подолго време не му оди добро. Мартин смета дека причината за тоа е лошиот менаџмент, бидејќи од пред четири години компанијата бележи загуби.

И со сопственото такси тој нема само добро искуство. Еднаш мораше да го врати во фабриката, бидејќи производителот откри сериска грешка во производството.

Токму таков проблем повторно сега има Лондон такси компани со седиште во Ковентри. Бидејќи неколку возачи се пожалија на проблеми со серво воланот, производителот започна со акција за повлекување на автомобилите - вкупно 400 такси возила. Производството во фабриката засега е запрено. Само некои од работниците се тука за да ги поправат такси возилата.

„Започнавме поправка на возилата на муштериите за да ги вратиме на улиците. Планираме да работиме и на преостанатите возила со надеж дека ќе не‘ преземе потенцијален купувач и ќе можеме да произведуваме“, вели Стивен Фитер, менаџер на одделот за производство во Ковентри.

Вообичаено Лондон такси компани годишно продава по 2.700 возила. Но, во последно време на домашниот пазар се зголемија проблемите. Мнозинскиот акционер од Кина одбива да дава дополнителни финансиски инјекции.

Taxi in London
Во меѓувреме во градот има такси возила и во други боиФотографија: BilderBox

„Кинескиот џоинт-венчр партнер веќе инвестираше многу пари. А, тој е и наш испорачател. Ние често контактираме и партнерот работи со нас на решавање на проблемите со воланот, како дополнение на претходната поддршка. Но, сега преговараме и со други заинтересирани за иднината на фирмата и се надевам на решение на почетокот од новава година“, вели стечајниот управник Метју Хамонд.

Покрај големите загуби во минатите години, компанијата се бори и со намалената доверба на такси-возачите. Некои од нив, поради падот во квалитетот, се префрлија на модели од други производители. Тие во меѓувреме му се конкуренција на т.н. црно лондонско такси, попознато како „блек кебс“.