1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Произведено во Македонија“ на саемот АНУГА

16 октомври 2009

Во Келн заврши најголемиот светски саем на производи за исхрана, АНУГА. Оваа година беа присутни 6.520 излагачи, меѓу кои и 16 од Македонија. Што им донесе саемот АНУГА и каква е соработката со Германија?

https://p.dw.com/p/K7NY
Посетител поминува покрај македонскиот штанд на АНУГАФотографија: DW

Најголемиот дел од македонските излагачи на годинешниот саем во Келн беа фирми од конзервната индустрија, кои се занимаваат со преработка и конзервирање на овошје и зеленчук. Само минатата година оваа индустрија оствари извоз од 37 милиони евра, или 30 посто повеќе во однос на 2007.

Една од нив беше и компанијата „Хина продуктс“ од Гевгелија. Се работи за компанија која на пазарот е присутна од 2005 година, а тогаш почнала и нивната соработка со Германија. Десанка Кичукова од „Хина продуктс“ нагласува дека секоја година забележуваат зголемување во извезените количини: „Соработката со Германија се одвива одлично, најголемиот дел од извозените производи од нашата фирма се наменети за германскиот пазар. Германците имаат навика за јадење индустриски ајвар, а тоа е нашиот примарен производ, покрај лутеницата и ѓувечот. Годишно во Германија извезуваме околу еден милион единици производ“, вели Кичукова.

Соработката со фирмите-увознички почнува со испраќање примероци од асортиманот на компанијата, со потврда дека ги задоволуваат сите стандарди за квалитет, а потоа се договора и цената по која производот ќе се продава на пазарот: „Што се однесува до цената на производите, тоа е еден вид берза. Самиот пазар диктира колкава ќе биде цената на одреден производ. Ниту еден трговец не би дал ни цент повеќе за производ, кој од друг производител може да го добие по пониска цена. Тоа го гледам како недостаток кај трговците, затоа што поважна им е цената, отколку квалитетот на производот.“

Сепак, „Хина продуктс“ успева да се пробие во поголемите синџири супер-маркети во Германија. Иако не секогаш производот се продава под името на македонската компанија, на секоја етикета стои „Произведено во Македонија“.

Македонија искористува само 40% од капацитетите

ANUGA Mazedonische Aussteller
Фирмите од конзервната индустрија беа најбројни во КелнФотографија: DW

Пробивање на поширокиот германски пазар е целта и на компанијата „Бонум“ од Скопје, која исто така се занимава со преработка и конзервирање на овошје и зеленчук. Оттаму велат дека ваквиот тип на производи се барани на германскиот пазар и тоа најчесто од иселениците од балканските подрачја, вели Момчило Ивановски, сопственик на „Бонум“.

„Меѓутоа, тешко е да се пробива во големите ланци на супермаркети, зашто количините со коишто располагаме ние од Македонија се мали за нивните потреби. Ние секогаш имаме проблем да произведеме повеќе, бидејќи е ограничено снабдувањето со сировини.“

Причината за ова е што капацитетите на Македонија за преработка на овошје и зеленчук се искористени само 40 насто, вели Ивановски: „Најпрвин проблемот е тоа што сезоната за обработка за овошјето и зеленчукот трае само два месеца. Во ова време мора да се случи нивната обработка и е проблематично да се направат големи количини.“

Освен тоа, проблеми предизвикува и неусогласеноста со земјоделците, кои не произведуваат плански и по договор, додава Момчило.

Европа почнува да го препознава македонскиот квалитет

ANUGA Vincini Produkte
Скоро 80% од производството на „Мак прогрес“ се извезуваФотографија: DW

Покрај произведувачите од конзервната индустрија, на македонскиот штанд во Келн беше присутна и фирмата „Мак Прогрес“ од Виница, која се занимава со производство на кондиторски производи: „Произведуваме колачи, тортички, ролати на база на спонџ. Се работи за специфични производи, кои поретко се произведуваат, Нема многу фирми кои работат токму со вакви производи, на Балканот има само 2-3 вакви компании.“

Александар Цветанов е директор на „Мак прогрес“, фирма која на пазарот е попозната по брендот Винчини. И нивните партнери во Германија се најчесто фирми во сопственост на иселеници од балканските простори. Скоро осумдесет насто од производството на „Мак прогрес“ се извезува, иако претежно во земјите од балканскиот регион. Дали е тешко да им се докаже на европските земји дека производите се квалитетни? „На некој начин е тешко. Но, со напор и вложување, тие го осознаваат нашиот квалитет“.

Саемот во Келн заврши. Останува да се види дали склучените контакти ќе придонесат во иднина на рафтовите во германските супер-маркети почесто да се гледа „Произведено во Македонија“.

Автор: Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска