1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продолжува мртвата трка на врвот на Бундеслигата

22 февруари 2010

Бајер и Бајерн ја продолжуваат мртвата трка на врвот на табелата во германската Бундеслига и по 23-то коло, одиграно викендов. На олимпијадата во Ванкувер, 9-от ден им донесе дури четири медали на германските спортисти.

https://p.dw.com/p/M7el
Леверкузен е понатаму без пораз сезонаваФотографија: AP

Голот на Пер Мертезакер во 3-та минута од судиското надополнување ја продолжи статус-кво состојбата на врвот на табелата во Бундеслигата. Стоперот на Вердер му донесе бод на својот тим на домашен терен против лидерот Леверкузен. Бајер на двапати водеше, но на крајот мораше да се задоволи со конечните 2:2, што предизвика фрустрации кај младиот тим на Јуп Хејнкес.

„Секако дека жалиме што во 93-та минута примивме израмнувачки гол. Но она што според мене е позитивно е што мојот тим е разочаран откако одиграл нерешено во Бремен против Вердер. Тоа значи дека тимот сака повеќе и дека е амбициозен“.

На врвот на табелата, Бајер и Бајерн сега имаат по 49 бода, а разликата и понатаму останува само еден гол во корист на Леверкузен. Бајерн во саботата загуби два бода, играјќи 1:1 во локалното дерби на гостувањето кај Нирнберг. Тренерот на Бајерн, Луис Ван Хал беше видно разочаран.

„Нирнберг постигна гол од единствената шанса на мечот. Но и ние сме луѓе не сме роботи. Секако дека сум тажен кога играме вака, но што можам јас. Јас не можам да давам голови“.

Магат секогаш победува во Волфсбург?

Bundesliga FC Schalke 04 - VfL Wolfsburg 23. Spieltag Trainer Felix Magath Flash-Galerie
„Секогаш кога сум во Волфсбург, тимот победува?!“, вели Феликс МагатФотографија: AP

Неговиот колега, тренерот на Шалке Феликс Магат беше порасположен за шегување по поразот на неговиот тим од 2:1 на гостувањето кај Волсфбург.

„Така е секогаш. Кога сум јас на овој стадион, Волфсбург победува“, рече Магат, кој лани го предводеше тој тим до титулата, а во неделата за првпат се врати на стадионот.

Поразот на третопласираниот Шалке, не му помогна многу на тимот на Хамбург кој се бори за местото кое води во Лигата на шампионите. Помалку од 48 часа по настапот во Европската лига, тимот на Хамбург немаше сили да го совлада Франкфурт на домашен терен, а дуелот заврши без голови.

Без голови мина и дуелот на Мајнц, на македонскиот репрезентативец Новески, против Бохум.

Борусија Дортмунд се врати на победничките патеки по двата порази едноподруго. Жртва беше тимот на Хановер кој загуби со 4:1 и продолжи да тоне кон дното на табелата.

Келн се‘ уште го слави карневалот

За фудбалерите на Келн продолжи карневалскиот мамурлук. Во саботата на домашен терен, Келн загуби со 5:1 од Штутгарт. Ѕвезда на вечерта беше напаѓачот на гостите Какау, кој постигна четири гола, откако подолго отсуствуваше од терените поради повреда.

„Тешко е кога долго отсуствувате поради повреда, и затоа многу се радував на натпреварот. А уште откако постигнав 4 гола, а тимот играше одлично, тоа ме прави уште посреќен“.

Во последниот неделен натпревар, Херта стигна до трите бода на гостувањето кај Фрајбург со победата од 3:0. Иако и натаму останува на дното на табелата, тимот од Берлин сега има изгледни шанси да се избори за опстанок.

Во петочниот дуел Хофенхајм и Борусија Менхенгладбах одиграа нерешено, 2:2. Гостите од Менхенгладбах ќе имаат за што да жалат, затоа што во последните десетина минути испуштија водство од 2:0, кое ќе им донесеше далеку помирна фудбалска пролет.

Нови успеси на Германците во Ванкувер

Olympia 2010 Bob Lange Kuske Gold
Ланге стигна до четвртиот, рекорден златен медал, на Олимпијадите во бобФотографија: AP

Германските спортисти освоија два нови златни медали на Зимските Олимписки игри во Ванкувер. Најуспешен во натпреварувањата во боб двосед беше германскиот двоец Андре Ланге и Кевин Куске. Сребрениот медал отиде во рацете на вториот германски двоец Томас Флоршиц и Рихард Адјеи, а бронзата кај рускиот тандем Зубков и Војвода. За Ланге ова беше четврти, рекорден, златен олимписки медал.

Златен медал за Германија освои и Магдалена Нојнер во биатлон на трката од 12, 5 километри.

„Јас имам натпреварувачка природа и тоа се виде пред се‘ во последниот дел на трката. Знаев дека некако ќе успеам“, рече Нојнер. За неа ова беше втор златен медал на Игрите, а освои и едно сребро.

Бронзениот медал во истата трка и‘ припадна на уште една Германка, Симоне Хаусвалд.

Во центарот на вниманието на 9-от олимписки ден, сепак беше натпреварувањето во хокеј на мраз, каде на програмата беше големото дерби меѓу домаќинот Канада и САД. На големо изненадување и разочарување на домашната публика американските соседи ја однесоа победата со резултат 5:3. Медиумите веднаш побрзаа победата да ја прогласат за најголема во историјата на натпреварувањето, уште од славниот триумф на Американците над непобедливата советска селекција на игрите во Лејк Плесид во 1980 година.

Поразот на Канаѓаните ги отежнува работите и за германските хокеари, кои по трите порази во групата сега ќе треба да се соочат токму со тимот на домаќините.

Според бројот на освоените медали на Олимпијадата во убедливо водство се САД со 24, пред Германија со 18 и Норвешка со 12 одличја.

Автор: БГ/ СН/дв/афп

Редактор: Жана Ацеска