1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

040411 Ai Weiwei China

4 април 2011

Уште еден од кинеските критичари на режимот се најде зад решетки: 53-годишниот проминентен уметник Аи Вејвеј. Од неговото апсење во неделата (3.4.) му се губи секаква трага.

https://p.dw.com/p/10n3O
Вејвеј зад решеткиФотографија: picture alliance/dpa

Аи Вејвеј е само еден од поголемиот број адвокати, автори и поборници за човекови права, кои беа уапсени минатата седмица. Организацијата „Репортери без граници“ искажа загриженост за судбината на познатиот уметник. Кинеската влада го заострува прогонот на преостанатите популарни дисиденти и се обидува да ги замолчи сите критичари, се вели во нивната изјава.

Никола Беквелин од „Хјуман рајтс воч“ во Хонг Конг вели дека апсењето на Аи Вејвеј е дел од долгорочната кампања против сите критичари на режимот:

„Сигналот е јасен: никој не е безбеден. Слична порака беше испратена и со апсењето на носителот на Нобеловата награда за мир, Лиу Шијаобо И во неговиот случај се мислеше дека меѓународната репутација ќе го заштити. Со зголемувањето на притисокот врз Аи Вејвеј и неговото апсење, владата сака да им ја затвори устата и на помалку познатите слободни мислители во Кина“, истакнува Беквелин.

Flash Galerie Ai Weiwei
Познатиот уметник планирал да отвори ателје во БерлинФотографија: Gao Yuan

Причините и натаму непознати

Аи Вејвеј беше уапсен во неделата на аеродромот во Пекинг. Тој сакал да лета за Тајван преку Хонгконг, каде работел на изложба. Неговото ателје во Пекинг било претресено, повеќе негови соработници сослушани. Причината за апсењето и претресувањето и натаму е целосно непозната. Еден од поблиските пријатели на Вејвеј вели дека уметникот и порано имал конфликт со властите. Меѓутоа, овојпат изгледа се работи за сериозна акција против него, вели неговиот близок пријател:

„Овојпат е поинаку. Не можеме да и` се јавиме ниту на неговата сопруга. Кратко пред претресот на неговото ателје, во целата населба снема струја и дојде дури неколку часа потоа. Немавме пристап ниту до интернет.“

Познатиот уметник важи за еден од најострите критичари на кинеското раководство. Само пред неколку дена, во интервју за германската државна телевизија, тој се пожали на се` поголемите репресалии против него. Вејвеј истакна дека станало речиси невозможно да работи како уметник во Пекинг.

„Пред влезот на мојата куќа се поставени две надзорни камери. Подоцна, по ова интервју, сигурно повторно ќе се појави полицијата да разговара со мене. Сите телефони ми се прислушкуваат. Секоја порака на Твитер ми се контролира. Електронската пошта, банкарската сметка, сите луѓе, со кои сум во контакт, постојано се надгледуваат“, истакна Вејвеј во интервјуто за германската државна телевизија. Тој дури најави дека со оглед на зголемениот притисок од кинеската влада, размислувал да отвори ателје во Берлин.

Автор: Рут Кирхнер / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска