Продолжува заложничката драма во Алабама
4 февруари 2013Во американската држава Алабама шести ден маж држи во подземен бункер 5-годишно момче како заложник. Полицијата има директна врска со киднаперот и води преговори со него, јавуваат американски медиуми. Не се соопштува какви се барањата на 65-годишниот Џими Ли Дајкс, ветеран од Виетнам, пензиониран возач на камион. Според полицијата, киднаперот не е во роднинска врска со детето.
Во градот Мидланд Сити, каде се случува инцидентот, вчера беше погребан возачот на училишниот автобус убиен од Дајкс. Пред пет дена тој влегол вооружен во автобусот и се обидел да киднапира две деца. Возачот му се спротиставил, но бил застрелан од него. Дваесетина деца успеале да избегаат, но едно од нив Дајкс успеал да го киднапира. Локални жители тврдат дека тој бил настроен против владата. Имал бункер во кој се подготвувал да живее при евентуални катаклизми. Киднаперот им дозволил на властите да спуштат во бункерот книги и лекови за киднапираното момче, кое се вика Етан и боледува од аутизам, а неделава има роденден.