1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продолжува дијалогот меѓу Белград и Приштина во Брисел

БГ/миа4 март 2013

Премиерите на Србија и Косово во рамките на шестата рунда од разговорите треба да разговараат за начинот на кој ќе биде организирана српската заедница во Косово.

https://p.dw.com/p/17pfl
Фотографија: Christos Dogas/ European Commission

Дијалогот на високо ниво меѓу Белград и Приштина продолжува денеска во Брисел, во кабинетот на високиот претставник за надворешна политика на Европската унија, Кетрин Ештон, а главна тема на шестиот круг разговори е заедницата на српски општини во Косово.

Во однос на заедницата на српски општини во Косово, Белград бара да има извршни овластувања, што Приштина изречно го одбива. Државниот врв на Србија порача дека земјата останува посветена на постигнување компромис, како и дека од ЕУ се очекува да остане непристрасна и влијае на Приштина да изврши отстапки.

Српскиот премиер Ивица Дачиќ, по пристигнувањето во Брисел, се сретнал со заменикот-помошник на американскиот државен секретар Филип Рикер, кој изразил целосна поддршка на европските интеграции на Србија и на дијалогот меѓу Белград и Приштина, пренесува Танјуг.

Дачиќ во разговорот со Рикер истакнал дека е во интерес на Србија сите отворени прашања да бидат решени, но дека за компромис е неопходно постоење волја и желба на двете страни.

Ештон најпрво ќе се сретне одвоено со Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, а потоа разговорите ќе продолжат во тројка.