Продолжување на процесот против Младиќ
21 август 2012Нареден сведок во процесот против поранешниот началник на Генералштабот на Војската на Република Српска се очекува да биде Ернаут ван Линден, холандски новинар кој беше воен известувач за британската телевизија Скај Њуз од Босна и Херцеговина. По Ван Линден на Клупата за сведоци би требало да се најде поранешниот шеф на Набљудувачката мисија на Европската заедница во БиХ, Колм Дојл. Од почетокот на доказната постапка на обвинителство против Младиќ, во Меѓународниот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија се сослушани шест сведоци.
Младиќ во две точки од обвининието се товари за геноцид извршен во Сребреница и во уште осум општини во БиХ, а во останатите девет точки е обвинет за прогони, етничко чистење, убиства, депортации, присилно преселување, тероризирање на цивили, како и за киднапирање на припадници на мировните сили на ОН.
Хашкиот трибунал минатата недела најави дека ќе извршува постојан видеонадзор на Ратко Младиќ во судската сала. Оваа наредба ја потпишал претседателот на судскиот совет во процесот против Младиќ, Алфонсо Ори.
Во документот се наведува дека одлуката е донесена со цел да се прекинат евентуалните контакти на Младиќ со лицата во галеријата, каде вообичаено седат роднините на жртвите.
Според очевидци, за време на едно од рочиштата Младиќ воспоставил контакт со очи со роднини на муслимани убиени во Сребреница и направил гест на пресекување на вратот со рака.
Судијата Ори не го видел овој инцидент, а тој не е снимен ниту со камерата. Во текот на рочиштата Ори повеќе пати побарал од Младиќ да се воздржи од реплики и коментари во моментите кога не му бил даван збор.
Постојаниот виденадзор во судската сала е нова пракса во Хашкиот трибунал и засега таа ќе се применува само во случајот на Младиќ. Вообичаено рочиштата се снимаат со една камера, која е фокусирана на лицето, кое зборува во моментот и понекогаш ги прикажува присутните во салата. Сега посебна видеокамера ќе ги снима Младиќ од моментот кога ќе влезе во салата се‘ до излегувањето од неа, а снимениот материјал ќе се чува во архива.