1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продолжуваат протестите против „благите“ казни за Мубарак и соработниците

СН/АТ/ртр/дпа/афп3 јуни 2012

Голем број демонстранти ја минаа ноќта на плоштадот Тахрир во Каиро. Тие го изразија својот револт од како што ја сметаат преблагата казна што му беше изречена на поранешниот претседател Хосни Мубарак.

https://p.dw.com/p/1578e
Фотографија: Reuters

Демонстрантите останаа на централниот плоштад во Каиро и денеска за да протестираат против казните што им беа изречени на поранешниот претседател Хосни Мубарак и други високи претставници на неговиот режим. За големи протести се јавува и од градовите Александрија и Суец.

Демонстрантите сметаат дека казната доживотен затвор која му беше пресудена на Мубарак е преблага. Тие се револтирани и од ослободителните пресуди за блиските соработници на поранешниот претседател, кој во февруари минатата година поднесе оставка под притисок на масовните протести во земјата. Демонстрантите целиот судски процес го оценија како фарса и скандираа „Народот сака смртна казна за Мубарак“.

На 84- годишниот поранешен египетски претседател вчера му беше прочитана пресудата. Тој е осуден на доживотна затворска казна за соучесништво во убиствата на повеќе од 88 луѓе за време на демонстрациите во земјата во текот на минатата година. Мубарак вчера по читањето на пресудата со влошена здравствена состојба беше префрлен во болничкото крило на затворот Тора во Каиро.

Поддршка од кандидатот на Муслиманското братство

Одлуката на судот дојде во чувствителен политички момент во Египет, во пресрет на вториот круг од претседателските избори. Поголем број водечки политичари се појавија на плоштадот Тахрир, меѓу нив и Мохамед Морси од Муслиманското братство кое беше забрането за време на режимот на Мубарак.

Ägypten Kairo Proteste Prozess Mubarak
Демонстрантите останаа на плоштадот Тахрир и во текот на ноќтаФотографија: Reuters

Морси, кој е еден од двајцата кандидати за вториот круг избори кои ќе се оддржат на 16. и на 17. јуни вчера издаде соопштение во кое истакна дека ништо друго освен смртна казна не е прифатлива пресуда за Мубарак. Непосредно пред неговото кусо појавување на плоштадот Тахрир, Морси им изјави на новинарите дека целосно ги поддржува протестите.

„Сите ние, браќа мои, мора во овој момент да сфатиме дека продолжувањето на револуцијата и опстојувањето на револуционерите на нивните позиции на плоштадите е единствена гаранција за остварување на нашите цели“, изјави Морси.

Нападнати канцелариите на противникот

Во вториот круг од претседателските избори Морси за противник го има Ахмад Шафик, последниот премиер назначен од страна на Мубарак. Најверојатно од револт поради изречените казни за кланот на Мубарак, рано утрината беа нападнати и уништени изборни штаба во два помали града во Египет. Изборниот штаб на Шафик во Каиро беше нападнат уште во понеделникот.