1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продолжуваат немирите во Стокхолм

ЖА/ап/миа24 мај 2013

Стокхолм ја доживеа петтата ноќ по ред немири, во која гореа автомобили и двајца полицајци се повредени. Немирите се случуваат во квартови каде живее сиромашно население.

https://p.dw.com/p/18dG6
Фотографија: Jonathan Nackstrand/AFP/Getty Images

Најмалку девет автомобили изгореа, а во две училишта и една полициска станица бил подметнат пожар во петтата ноќ по ред немири во сиромашните предградија на Стокхолм, населени претежно со странци.

Осум луѓе се приведени поради инцидентите, во кои нема повредени. Во Ринкеби изгореа шест автомобили, а три беа запалени во Норсборг. Пожарот во полициската станица Елвшо брзо бил изгаснат. Две училишта во Тенста и Чиста, во близина на Хусби, од каде почнаа немирите, исто така беа запалени, но пожарот за кратко време беше изгаснат. Во Содертале и синоќа биле фрлани камења врз полицијата.

Немирите во стокхолмската населба Хусби започнаа во неделата кога 40-ина млади лица почнале да палат автомобили и фрлаат камења кон полицијата. Како причина за избувнување на немирите се наведува убиството на еден 69-годишен маж во Хусби минатиот понеделник. Освен тоа, вината се префрла и врз полицајците, кои наводно погрдно ги ословувале младите насилници како „мајмуни, црнци“.

Вакви немири во Шведска се невообичаени и затоа предизвикуваат интерес. Премиерот Рајнфелт во средата повика на ред и мир, истакнувајќи дека палењето на автомобилот на соседот не е никаков израз на слобода на мислење. „Шведска е земја која прифаќа големи групи луѓе од други земји и е горда на тоа“, рече премиерот. Полицијата пак предупреди од преголема драматизација. „Стокхолм сепак не гори“, изјави вчера Улф Јохансон, заменик шеф на полицијата во градот.