1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продолжен мандатот на Еулекс

Марина Максимовиќ/ Александра Трајковска5 јуни 2012

Мандатот на Еулекс на Косово е продолжен за две години. Шефицата на европската дипломатија ја поздрави одлуката на Советот на ЕУ, но најавува дека локалните власти во иднина ќе мораат да преземаат се’ поголеми обврски.

https://p.dw.com/p/158HN
Фотографија: picture-alliance/dpa

Советот на ЕУ денеска (5.6.) донесе одлука да го продолжи мандатот на европската мисија на Косово, за уште две години, до 14 јули 2014 година. Истовремено одреден е и буџетот од 111 милиони евра за првата година од продолжениот мандат. Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон подвлече: „Го поздравувам продолжувањето на најголемата мисија на Европската унија во областа на решавање на цивилни прашања. Еулекс извршува добра и важна работа поддржувајќи го владеењето на правото на Косово. Ги охрабрувам косовските власти да ја искористат стручноста на Еулекс. Во иднина, локалните власти ќе мораат да преземат се’ повеќе и повеќе обврски.“

Мандатот на Еулекс останува непроменет

Во Брисел нагласуваат дека мандатот на Еулекс главно ќе остане непроменет, но ќе бидат извршени внатрешни реконструкции на мисијата, со оглед на напредокот постигнат во изминатите три години од кога Еулекс со полн оперативен капацитет работи на Косово и поради развојот на меѓусебните односи. Целта е мисијата да се засили и да биде поефикасна, порачуваат од Европскиот совет.

Eulex Logo

Правосудството останува најголем предизвик на Косово, и тоа ќе остане и во фокусот на Еулекс. Се очекува да се намали бројот на припадници на Еулекс на Косово за 25 проценти. Од 15 јуни годинава бројот на меѓународни соработнции ќе биде намален од 1950 на 1250 соработници, а бројот на локални соработници ќе се намали од 1200 на 1000. Мисијата и натаму воглавно ќе се состои од полициски службеници, судии, истражители и цариници, објавено е во Брисел.