Продадено најскапото уметничко дело на сите времиња
13 ноември 2013Триптихот создаден во 1969 година, кој аукциската куќа „Кристи“ се надеваше дека ќе го продаде за околу 90 милиони долари, ги надмина сите очекувања. Тој е најскапото уметничко дело што било продадено на аукција - 142,4 милиони долари (106 милиони евра)! Со тоа триптихот е поскап за речиси 22 милиони долари од сликата на Едвард Мунк „Крик“, која по цена од 120 милиони доалри беше продадена пред една и пол година.
Сликите од триптихот го прикажуваат добриот пријател на Френсис Бејкон, англискиот сликар Луцијан Фројд, внук на психоаналитичарот Зигмунд Фројд. Трите слики од триптихот се високи по два метра, а широки по речиси метар и половина. Двајцата уметници, инаку, се сликале меѓусебено неколку пати. Фројд почина во 2011 година во Лондон, а Бејкон во 1992 година во Мадрид.