1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прогноза за конјунктурата во Германија

4 јануари 2006

Германското стопанство годинава ќе забележи засилен пораст, но веќе во наредната 2007-ма се очекува повторно забавување на конјунктурата.

https://p.dw.com/p/AeN0
Фотографија: Bilderbox

Ова е прогнозата на германскиот Институт за економски истражувања, што вчера (вторник) беше објавена во Берлин.

Германскиот Институт за економски истражувања смета дека во тековната година нема да има позабележително опаѓање на бројот невработени. За оваа тој предвидува 9,3% а за наредната 9,1. Тоа се должи пред се‘ на конјунктурата во стагнација, велат експертите од Институтот. Годинава стапката на стопански пораст ќе изнесува 1,7% а во 2007-та 1,2. Причина за тоа е политиката на санирање на големиот државен буџет, што ја најави канцеларката Ангела Меркел. Целта е што побргу да се постигне границата од 3% ново задолжување, што ја пропишува европскиот Пакт за стабилност, појаснува шефот на Институтот Клаус Цимерман:

„Германската влада се обидува да постигне економски полет, но по теркот на салто преку глава. Таа ја стимулира конјунктурата во 2006-та, а ја продолжува и стратегијата на консолидација на буџетот, што најверојатно ќе се одрази врз конјунктурата во 2007-та.„

Згора на тоа експертите очекуваат и покачување на стапката на инфлација во 2007-та, предизвикано од зголемувањето на данокот на додадена вредност. Таа би можела да дојде до нивото од 2 процента годишно, што е лошо за стопанскиот пораст. Доколку дојде до уште едно покачување на цените на нафтата, тогаш ризикот од инфлација не смее повеќе да се игнорира, предупредува Алфред Штајнер:

„Алтернатива ќе беше значително намалување на социјалните издвојувања од платите, што посебно би му погодувало на секторот со ниски заработувачки. Тоа додуша би го оптоварило буџетот, но преку зголемените даночни приходи и намалените социјални давачки би се подобрила општата финансиска ситуација. Така би ни требала веројатно уште една година за да ги оствариме трите процента од Пактот за финансиска стабилност на ЕУ, но затоа финансиската ситуација во земјата би се подобрила„ – нагласува Штајнер.

За сепак да се поттикне и стопанскиот пораст, шефот на Интитутот Цимерман бара засилени структурни реформи.

„При тоа на прво место се наоѓа намалувањето на социјалните издвојувања од платите, на пример преку отстранување на неефикасните инструменти за поттикнување, но и со изнаоѓање израмнување за покачувањето на данокот на додадена вредност. Тука е и ефикасноста во работата на Заводот за вработување, како и поттикот за услугите што можат да се извршуваат од дома и воопшто на целиот сектор со ниска заработувачка. Секако важни се и реформата на даноците за претпријатијата и продолжувањето на работното време„ – смета директорот на германскиот Институт за економски истражувања, Клаус Цимерман.