1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Провокацијата на нобеловецот Грас

Корнелија Рабиц / Елизабета Милошевска Фиданоска5 април 2012

Носителот на Нобеловата награда за литература Гинтер Грас како тема за една песна го зема конфликтот меѓу Израел и Иран. Тој го обвинува Израел за загрозување на светскиот мир и со тоа предизвика жестоки дебати.

https://p.dw.com/p/14YCw
Фотографија: dapd

Не се случува толку често лирика од перото на некој германски поет да најде место во меѓународниот печат. 84-годишниот Гинтер Грас, носител на Нобелова награда за литература, во тоа успеа - напиша песна со наслов „Она што мора да се каже“ и ја даде на печатење во германскиот весник „Зидојче цајтунг“, во италијанскиот „Ла Република“, како и во „Њујорк Тајмс“. Текстот на песната е политичка изјава што предизвика возбуда и дебати.

Гинтер Грас се занимава со ситуацијата меѓу Иран и Израел и опасноста од војна. Ја критикува израелската страна и таа критика ја „пакува“ во малку поетски лиричен текст. Грас пишува дека Израел си го зема правото на нуклеарен напад со кој би го уништил атомското оружје на Иран, кој би можел да „го згасне иранскиот народ“. Што се однесува до Иран, само сe претпоставува дека земјата работи на атомска бомба. „Зошто дури сега велам, остарен и снеможен: атомската сила Израел го загрозува и онака кревкиот мир во светот?“, гласи дел од песната. Тешко обвинување.

Грас натаму зборува за тоа дека Израел одбива контрола врз неговиот нуклеарен потенцијал, факт преку кој светот минува молкум, „оптоварувачка лага“ на која веќе не сака да и‘ се потчинува, особено не сега кога од Германија „на Израел треба да му биде испорачана уште една подморница“: „Веќе не молчам затоа што сум сит од хипокризијата на Западот“. Грас се спротивставува на тоа критиката на сметка на Израел да се изедначува со антисемитизам и говори за германското минато, за злосторствата што во германско име се сторени за време на Втората светска војна - „грешка“ која отежнува да се изречат некои вистини. Истовремено, писателот ја изразува својата поврзаност со Израел.

Günter Grass auf der Titelseite von der Süddeutschen Zeitung
Гинтер Грас на насловната страница на „Зидојче цајтунг“Фотографија: picture-alliance/dpa

Отфрлање, но и согласност

Реакциите на овие провокативни, во форма на песна објавени тези, не изостанаа. Преовладува критика на сметка на Грас. Прв за збор во новински текст се јави публицистот Хенрик М. Бродер. Тој го нарекува Грас антисемитист: „Грас отсекогаш имал проблем со Евреите, но толку јасно како во оваа ’песна’ тоа досега не го има артикулирано“. Писателот, според него, сега „сосема не е при разум“. Историчарот и раководител на центарот Мозес Менделсон во Потсдам, Јулиус Шепс, во интервју за Дојче веле рече: „Тоа не е случајна песна, туку е свесно инсценирана и свесно пласирана во медиумите“. Тој го обвинува Грас за едностраност и вели дека е неприфатливо тоа за што авторот ги обвинува Израелците. Ралф Џордано, исто така публицист и автор, текстот го опишува како „напад врз егзистенцијата на Израел“. Тој е разочаран и потресен. Франкфуртскиот професор Миха Брумлик оценува дека е тешко подносливо и тажно што еден носител на Нобелова награда ја злоупотребува својата уметност на творење за „една прилично глупава агитпроп (кратенка од агитација и пропаганда н.з.) песна“.

И на политичката сцена е вклучен аларм. Генералниот секретар на владејачката Христијанско-демократска унија (ЦДУ) Херман Грее изјави дека е вџашен од тонот и насоката на песната. Рупрехт Поленц, исто така од ЦДУ, вели дека Грас е голем писател, но во случајот ги поставил работите „на глава“. Едностраното префрлање на вината на адреса на Израел е погрешно, зашто земјата која предизвикува проблеми е Иран, а не Израел, вели Поленц, кој е претседател на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот. За збор се јави и израелската амбасада во Германија и оцени дека се работи за антисемитистички предрасуди. Израел е единствената држава во светот чие право на постоење се става јавно под знак прашалник.

Во италијанскиот печат, пак, по повод песната на Грас, се зборува за „конфузно шумолење“. Но, има и согласност. На пример, Јохан Штрасер, претседател на германскиот ПЕН-центар, предупредува на опасноста од извоз на германско оружје во Израел, чија влада буди привид како војна против Иран да е неизбежна.

Günter Grass / Schriftsteller / Literaturnobelpreisträger
Грас предизвика жестоки дебати, не само во ГерманијаФотографија: dapd

Минатото на Грас како повод

Дебата се разгоре не само поради провокативните тези на Грас, туку и поради биографијата на светски познатиот германски писател, кој има напишано голем број романи и е познат во светот на културата. Грас секогаш се разбирал себеси како политички автор. Тој во 1960-тите години водеше изборна кампања за СПД, а подоцна истапи од партијата поради политиката на азил и повторно се јави за збор по општествени прашања и теми. Поради тоа му се припишуваше аура на „морална инстанца“.

Во 2006 година се случи прекин. Грас, кој само што ја имаше објавено автобиографијата, мораше да признае дека како 17-годишник бил член на нацистичките Ес-Ес единици. Тоа на човекот кој секогаш критички се соочуваше со германското нацистичко минато, му донесе многу критика. Неговиот морален интегритет избледе. Историчарот Шепс околу тоа вели: „Имаме проблем со еден припадник на генерацијата млади луѓе кои биле присилно регрутирани пред крајот на Втората светска војна. Имаме работа со еден 84-годишник кому повторно нешто му ’излетува’. Всушност се срамам поради Гинтер Грас. Ќе беше подобро ако молчеше.“

Грас сега се изјасни за актуелна тема, но минатото повторно го стигнува.