1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Провокации на НПД: „Здраво мигранту“ - „Здраво идиоту“

Елизабет Шо/ Жана Ацеска20 септември 2013

Десноекстремистичката германска партија НПД им испраќа навредувачки писма на кандидатите за Бундестагот со странско потекло. Не е првпат НПД да предизвикува револт со расистичка кампања.

https://p.dw.com/p/19l6C
Фотографија: MetaMateBerlin

„Враќање во татковината наместо доселување“, вака гласи пораката на едно писмо што Озган Мутлу го доби неодамна од НПД (Националдемократската партија на Германија). Во пликот се наоѓа и рачно направен билет во еден правец за пат во „татковината“. Со ова писмо НПД сака да ги одврати кандидатите за пратеници во Бундестагот од нивната кандидатура. „Вашето политичко влијание врз етничката група на Германците од правночовечки аспект може да биде дури и казниво“, се вели во писмото. Озган Мутлу има турски корени и од 1999. година ја претставува Партијата на зелените во берлинскиот парламент. Негова цел оваа година е да добие мандат во Бундестагот. Мутлу е разгневен од писмото од НПД. „Вложив тужба против одвратните писма на НПД. Нашата татковина е Берлин, а нацистите немаат таму што да бараат“, пишува тој на Твитер.

НПД не се нафрлува само врз Зелените. И кандидатите на СПД и Партијата на пиратите јавуваат дека добиле вакви писма. Фабрицио до Конто од Пиратите во писмото гледа закана, не за себе, туку за своето семејство. „Од каде им е мојата адреса“, прашува тој во берлинскиот весник „Пренцлауер берг нахрихтен“.

Anwohner Berlin-Hellersdorf
Демонстрации против НПД во БерлинФотографија: picture-alliance/dpa

Ксенофобични плакати во предизборната кампања

Не е првпат што НПД предизвикува бранувања со својата изборна кампања. Користењето ксенофобични плакати не е ништо ново. Слоганите како „Мини здолниште наместо минаре“ или „Враќање дома наместо доаѓање овде“ се препознатливи знаци на партијата. „Очигледно, партијата верува дека на ваков начин ќе може да собере плус гласови“, вели експертот за политички партии од универзиттеот во Трир, д-р Уве Јун. Досега ваквите плакати беа повеќе или помалку толерирани. Но, сега сѐ повеќе општини или градови се спротиставуваат на плакати од НПД.

„Пари за баба наместо за Синтите и Ромите“, стои на една плаката. Таа виси дури и на улицата која води кон Меморијалниот споменик на концентрациониот логор Мителбау-Дора во Тирингија. Тириншкото министерство за внатрешни работи ја забрани плакатата.

Луѓето и во други места се спротиставуваат на плакатите на НПД. Градот Гисен ги отстрани изборните плакати на НПД поради тоа што ги оцени како подбуцнување на народот. Но, Управниот суд нареди тие повторно да бидат истакнати. Како реакција на оваа одлука, различни партии презедоа заедничка кампања, на нивните плакати сега стои: „Мојата баба ги сака и Синтите и Ромите“.

Со креативност и хумор против десничарите

НПД, и покрај ваквата кампања, негира дека е партија која е непријателски настроена кон странците. Таа самата се оценува како „непријателска кон доселувањето“. „Ние немаме ништо против Турците во Турција“, објавува партијата на својата веб-страница. Политикологот Јун има поинаква оценка. „Партијата можеби го негира поимот ксенофобија, но не може да порекне дека не сака во Германија луѓе од други културни кругови“.

Symbolbild NPD Verbot
Фотографија: picture-alliance/dpa

НПД има навистина само околу 6 илјади членови, но е активна низ цела Германија. Моментно е застапена во два покраински парламента (Мекленбург-Предна Померанија и Саксонија). Неколкуте обиди за забрана на НПД досега беа неуспешни. Противниците на забраната поголема опасност гледаат во десничарските групи кои работат во илегала отколку во политичките партии како НПД.

Освен со демонстрации и противкампањи како во Гисен, опонентите на НПД протестираат против партијата и со акции полни хумор. На пример еден студент, кој самиот се оценува како „одговорен и загрижен турски Германец“, на интернет објави одговор на писмата од НПД до кандидатите за Бундестагот. Неговиот одговор брзо се прошири преку социјалните мрежи. Додека НПД своите писма ги почнува со „Здраво мигранту“, студентот своите адресанти ги поздравува со „Здраво идиоту“. Писмото е напишано во ист стил како и она напишаното од НПД. „Вашето политичко влијание врз групата луѓе, кои едноставно сакаат мирен заеднички соживот, може од уставно-правен аспект да биде казниво“, контрира студентот. Освен тоа, тој на НПД им укажува на правописните грешки во нивното писмо. Неговиот апел до партијата: „Сите ние треба да се грижиме да го зачуваме нашиот убав германски јазик“.