1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проблемот со македонското малцинство во Грција е прашање на науката, не на политиката

ФАЦ25 ноември 2008

Весникот „Франкфуртер Алгемајне Зонтагсцајтунг“ пишува за положбата на македонското малцинство во Грција и работењето на партијата „Виножито“ на Павлос Воскопулос.

https://p.dw.com/p/G1Am
Карта на ГрцијаФотографија: AP Graphics/DW

„Франкфуртер Алгемајне Зонтагсцајтунг“ текстот го почнува со слика од Лерин. Авторот, Михаел Мартенс, во скромните простории на „Куќата на македонска култура“, во центарот на северно-грчкото гратче, Лерин разговара со членови на партијата „Виножито“ и нејзиниот лидер, Павлос Воскопулос. Притоа, се констатира дека „за човек што не постои“, Павлос Воскопулос, кој зборува брзо и категорично и многу гестикулира, делува „вчудовидувачки живо“.

„Во училиштата, Грците учат дека се директни потомци на античките Хелени“, го цитира весникот Воскопулос, кој вели: „Замислете: десет милиони Грци, и секој правнук на Перикле.“

Весникот објаснува:

„Оуранио Токсо“ (Виножито) е името на партијата на (словенското) македонското малцинство во Грција. Наспроти тоа, меѓу грчките политичари од сите партии и на сите нивоа владее единствен став: ти велат дека во Северна Грција нема македонско малцинство. „Затоа постојано сме под сомневање дека сме агенти - агенти на Скопје, на НАТО или на Европа. Постојано не‘ прашуваат колку пари добиваме за нашата работа. Јас потоа поставувам контрапрашање - дали и Грците кои се борат за правата на грчкото малцинство во Турција или во Албанија, се агенти платени од странство“, вели Воскопулос. Описот „агенти на Европа“ на извесен начин е точен: „Со задоволство можат да не‘ опишуваат како агенти на европските вредности и на европскиот однос кон малцинствата.“

Porträt von Pavle Voskopulos
Павлос ВоскопулосФотографија: Toni Glamcevski

Наведувајќи дека Воскопулос е роден во Лерин и дека баба му, како многумина постари словенски Македонци во грчката провинција Македонија не зборува ниту збор грчки, весникот пишува:

„Научниците укажуваат на тоа дека и во Грција не можат да се негираат одредени факти. Кога Грција, за време на Балканските војни во 1912/1913 година го освои најголемиот дел од историскиот регион Македонија, во голем дел од новите територии не живееле Грци, а во останатиот дел тие биле во малцинство. Тоа ќе се покаже и ако се фрли поглед врз картите од османлиското време, на кои селата и градовите кои денес имаат грчки имиња, носат имиња кои звучат јасно словенски. За да го „хеленизира“ северот на грчката држава, во кој живееле припадници на многу етникуми (и за да делува контра слични настојувања на Бугарија и Србија), Атина уште од почетокот спроведува политика на асимилација, која делумно е спроведувана со големи репресии. На жителите во регионот им се зборувало дека се директни потомци на Александар Велики и дека словенските Македонци, со текот на вековите, само ги заборавиле ваквите корени и прифатиле словенски дијалект. Александер Јосифидис во неговата книга „Славофонските Грци од Македонија“, пишува дека пред балканските војни, во подрачјата кои денес и‘ припаѓаат на Грција, живееле 250 илјади „словенски Македонци“. Но, нивниот број континуирано опаѓа.“

Асимилација и негирање

ФАЦ натаму ги наведува мерките со кои грчката држава вршела асимилација, како менување на имињата на жителите во регионот, затворање училишта и цркви, менување на имињата на населените места. Во текстот, исто така, се набројуваат историските настани од граѓанската војна во Грција и судбината на децата бегалци. Весникот наведува дека во 1982 година, владата на Андреас Папандреу донесла указ, според кој политичките бегалци од граѓанската војна можат повторно да го добијат назад државјанството, но Македонците од тоа се исклучени до ден-денешен. ФАЦ пишува:

„Тука многумина ги гледаат вистинските причини за упорното негирање на постоењето на македонското малцинство од страна на официјална Атина. Не се работи за спротивставени историски слики, туку едноставно се стравува од бран тужби на луѓето на кои им биле одземени имотите и на нивните потомци, вели еден бизнисмен, кој во Германија живее како Македонец со словенско потекло под грчко име и кој не сака да биде именуван поради обѕири кон неговите роднини во Лерин.“

Весникот го цитира грчкиот публицист Такис Микас, кој има слично мислење. „Указот дискриминира определена група врз основа на етничката припадност. Етничките Грци можат да бараат враќање на имотите, Македонците не. Срамно е за една држава членка на ЕУ да се придржува кон вакви мерки. Микас со години има спротивна позиција во однос на грчката повоена политика, што му дава статус на аутсајдер. Тој бара Атина да ја прекине бизарната криенка: „Постоењето или непостоењето на македонското малцинство, пред се‘ е прашање за науката, а не за политиката. Грчката влада, предлага тој, би требало да формира комисија на независни научници за да ја испитаат оваа комплексна тема.“

Темелите на спорот

Спорот, според ФАЦ, почива и врз прашањето што е воопшто малцинство, како се создава малцинска свест, како тоа се менува и како може да биде злоупотребено. „Воскопулос и другите членови на партиското раководство, на пример, се спротивставуваат категорично на обидите за присвојување од страна на националисти од Скопје, главниот град на соседната држава Македонија. Зашто, целта на „Оруанио Токсо“ единствено е признавање на македонско малцинство во својата држава, а таа е и останува Грција“, констатира ФАЦ.

Весникот натаму наведува:

„Не е решен ниту спорот - на кој јазик всушност зборуваат словенските државјани на Грција. Многумина „славофонски“ државјани на Грција, денес повторно се враќаат на нивните локални дијалекти, но веќе самото прашање дали притоа станува збор за „македонски“ или не, е спорно, особено што има разлики во јазикот од едно село до друго. Освен тоа, голем дел од оние што го зборуваат тој јазик, јавно се изјаснуваат како Грци и се дистанцираат од Воскопулос и неговата партија, која на изборите во селата околу Лерин постојано добива по неколку илјади гласови, но не е клучна политичка сила во регионот. Воскопулос тоа не го спори, но вели дека мора да има предвид дека...„Има многу луѓе кои зборуваат македонски, но тврдат дека се Грци затоа што се стравуваат од последици по себе и своите деца.“

Logo der FAZ

ФАЦ, ваквите ставови, ги поткрепува со констатацијата:

„Навистина, на посетителот на Лерин може да му се случи еден разговор кого го почнал со „вистински Грк“, по неколку чаши рецина да се покаже како конверзација со човек чиј мајчин јазик е македонскиот и кој и самиот не е на чисто со сопствениот идентитет. Пред се‘ бизнисмените, како сопствениците на ресторани или на продавници, се тие што често не се осмелуваат да се изјаснат отворено како Македонци.

Павлос Воскопулос не сака веќе да го крие својот идентитет. Тој сака повторно да се вика Филипов и веќе се обратил до властите за враќање на името. Досега добивал само негативни одговори, но Воскопулос е упорен. Тој има доволно документи со кои може да си го докаже името што имал порано. Ако е потребно, ќе поднесе и тужба до Европскиот суд за човекови права. Конечно, нему, на одреден начин му е до тоа - да се биде или не“, наведува весникот „Франкфуртер Алгемајне Зонтагсцајтунг“.