1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

“Проблемот со името е создаден вештачки“

Нада Штајнман12 октомври 2005

Интервју со Кристијан Фос, историчар, научен соработник на универзитетот во Фрајбург

https://p.dw.com/p/AcC5
Кога македонските и грчките политичари ќе најдат решение за името?
Кога македонските и грчките политичари ќе најдат решение за името?Фотографија: aptn

Прашање:

Атина го одби најновиот предлог на посредникот Метју Нимиц, во врска со регулирање на спорот околу името на Македонија. 10 години по времената спогодба сеуште сме таму каде што бевме на почетокот на македонско - грчкиот спор. Зошто?

Одговор:

Навистина е феномен што оваа внатрешно политичка затегнатост од 90-тите години се одржа се до денес. Тогаш беше сосема јасно дека конфликтот беше лоциран во внатрешно политичкиот спор меѓу двете големи политички партии. Тоа беше Андреас Папандреу, кој го прогласи и ембаргото против Република Макеоднија. Ако се прашаме како е можно прашањето за името се уште да предизвикува толку големи емоции во Грција треба да наведеме две работи. Прво, сопствениот национален идентитет на Грците, второ - прашањето на малцинствата. Што се однесува до првото денес знаеме дека денешните жители на Грција имаат релативно низок етнички континуитет од старите Хелени. На крајот од 19 век националистите изразија свои ставови според кои јасно се става до знаење: „Ние сме единствените легитимни наследници на старата Грција и поради тоа на грчка територија може да има само етнички Грци“. ­

Во врска со ова е размислувањето за малцинствата, кое е одржано се до денеска. Тоа претставува голема животна лага на Грците кои одрекуваат постоење на други етникуми во нивната држава. Ова секако се однесува и на Македонците и се до денес се сретнуваме со официјално непризнавање на словенското малцинство во северозападниот дел на Грција, кое сосема јасно се декларира како македонско.Според мое мислење прашањето за малцинствата сосема јасно стои зад големата возбуда во спорот околу името со Република Македонија.

Прашање:

Вие го спомнувате името Грција, а Македонците немаат претензии за тоа име. Една наша слушателка во анкета за Дојче Веле во врска со името вели, „Ние сме Македонци, а Грците се Грци“.

Вака погледнато каде го гледате проблемот?

Одговор:

Проблемот е создаден вештачки, во таа смисла што за Грците името Македонија не игра никаква улога. Министерството за Северна Грција се нарекуваше министерство за Северна Грција и дури по конфликтот со Република Македонија настанат во 91-та година, Грците почнаа да го величаат Александар Велики и неговото наследство, ѕвездата од Вергина и пред се името на Македонија, кое толку многу национално го експлоатираа. Така го нарекоа новиот универзиотет во Солун, аеродромот го преименува, а Александар се појави на сите монети од 100 драхми. Значи на почетокот на 90-тите години Македонија стана многу важна за Грците, а на денешните политичари им паѓа тешко да застанат пред микрофоните и да речат:„Направивме грешки. За нас е важно да имаме добри и стабилни односи кон соседот.“ Во тоа јас гледам голем проблем, затоа што ниту партијата Пасок ниту Нова Демократија, што сега е на власт, не се подготвени да ја согледаат реалноста и да ги признаат грешките“.

Прашање:

По некогаш се дава совет, со Грк никогаш да не дискутираш за политика. Зашто Грците толку чувствително и емоционално реагираат на ваквите прашања?

Одговор:

„Ми се чини дека секоја Балканска држава во 19 век се обидуваше својата историја да ја врати што подалеку во минатото. Така за Србите тоа беше минатото за Косово. За Бугарите беше големото царство на Симеон, а за Грците е античкото хеленистичко наследство. Ние за себе го земаме правото на културното наследство од што произлегуваат територијални претензии. Тоа со генерации се провлекува дека е само по себе разбирливо, дека ние Грците имаме право на античкото наследство. Многу е тешко тоа да се искорени. Ми се чини дека младата генерација која студира во странство и добила образование на странски универзитети, во меѓувреме размислува поинаку, односно полиберално. Но, најголем дел од населението е толку силно заслепено од она што му било кажувано на училиште, што многу тешко може да се ослободи од тоа.

Прашање:

Во последниве месеци имаше многу иницијативи за разрешување на спорот околу името, а сега пристигна и најновата иницијатива на Нимиц. Грците повторно реагираа многу чувствително, иако и тие живеат во 21 век. Грција е членка на ЕУ, која постојано укажува на демократските вредности и на почитување на малцинските права. Зошто Грците се спротивставуваат на тоа и во европските кругови Грците важат како народ кој на полето на почитување на човековите права стои најлошо? Дали другите немаат никакви можности да влијаат врз Грција?

Одговор:

Тоа би било пожелно. Ако тоа се поврзе на пример со кипарското прашање, навистина е штета што Грците реагираат на ваков начин. Тие јасно се наоѓаат во позиција на посилен во спорот со Република Македонија и би требало да имаат голем интерес Македонија да се стабилизира. Економската соработка меѓу Грција и Македонија е многу добра, но Грците отидоа толку далеку во својот националистички став, што за политичарите е тешко да направат таков непопуларен чекор и на своите граѓани да им кажат – претеравме! Како историчар, јас не можам да понудам предлози за решавање на спорот.

Прашање:

Како историчар вие ја познавате проблематиката. Дали за нашите слушатели би можеле накратко да ја објасните?

Одговор:

Големиот регион Македонија беше поделен меѓу Србија, Грција и Бугарија во 1912 - 1913 година . Регионот важеше, дословно, како јаболко на раздор на Балканот. Трите нации, не грижејќи се за тоа кој живее на таа територија, на каков јазик говори народот на тоа подрачје, каков идентитет имаат тие, сметаа дека полагаат право на таа територија. Тука се работеше за политичка моќ и за тоа чија армија ќе стигне најдалеку за да може да ги задржи тие територии. Муслиманското население во најголем дел бегаше, односно подоцна беше разменето, а словенското население далекусежно беше асимилирано. Грција во триесетите години, во времето на грчката диктатура многу лошо постапуваше со населението кое говореше словенски. Таа ја искористи граѓанската војна на крајот од 40-тите години за од земјата да протера десетици илјади луѓе кои говореа словенски и се бореа на страната на комунистите. Тоа е важен фактор да се сфати, зашто Грците толку упорно блокираат решение во таканареченото македонско прашање.

Се до денес тие бегалци немаат право на враќање, бидејќи Грција го оспорува македонскиот идентитет, односно идентитет што не е грчки, туку е словенски.

Прашање:

Да се позанимаваме со стравувањата на Грција од територијални претензии од страна на Македонија. Дали се тие стравувања реални?

Одговор:

„Треба да се каже дека Македонија направи грешка со тоа што ѕвездата од Виргина, односно македонското сонце го зеде за симбол на својот грб како најцентрален симбол на нејзиниот национален идентитет. Оваа ѕвезда е во Грција и поради тоа Грците секако во тоа гледаа експанзионистичка тенденција кај Македонците, дека тие сакаат големо царство. Такви гласови се слушаа во Македонија, и во голем дел дојдоа од дијаспората. Има националистички групи во Канада и Австралија. Но, тоа не важи за Глигоров и посткомунистите. Значи тоа не е официјален став и затоа таквото префрлување не е оправдано во таква форма. На ова место треба да се каже дека би била екстремна параноја ако една толку вооружена држава како што е Грција би се плашела од една толку мала држава како што е Македонија. Ми се чини дека таквите аргументи се само изговор.

Прашање:

Прашањето на Егејските Македонци е се уште отворено. Летоска дури беа продавани нивните имоти. Како Грците се однесуваат кон ова прашање?

Одговор:

Поголемиот дел од Грците воопшто не го познаваат проблемот. Ако на некој Атињанин му кажете дека во Флорина (Лерин) има малцинство, односно кај вас има луѓе кои говорат словенски, тој во тоа нема да верува. Тоа го знаат само луѓето кои живеат во тие подрачја и ја познаваат локалната историја. Просечниот Грк ќе ви рече дека е тоа пропаганда што доаѓа од надвор, дека тоа не е вистина, дека е лага. Значи неопходен е долг процес да настапи промена во свеста и толеранција. Не е катастрофа ако државата има малцинство кое има поинаков национален идентитет. Тоа се сепак лојални граѓани на грчката држава што сосема јасно го нагласува и партијата “Виножито“,која работи многу успешно на локално ниво и е успешна во управата. Таа влезе во коалиција со партијата “Пасок“. Пропагандата секогаш вели дека е тоа петта колона од странство, дека се тоа предавници на татковината. Тоа воопшто не е така. Во сите гранични подрачја во Европа имаме малцинства, поинаку не би било можно, затоа што не постои хомогена нација. Но, тоа се работи кои во Грција сеуште не се јасни.

Прашање:

Македонците немаат проблеми само со името. Вие Македонија ја нарековте јаболко на раздорот на Балканот. Иако сте историчар, дали соодветно на хронологијата на настаните, би можеле да прогнозирате дали во овој 21 век прашањето би можело да се реши и јаболкото на раздорот да се претвори во оаза на мир?

Одговор:

Македонија уште за времето на војната во Босна беше стилизирана и покажувана како пример. Се велеше погледнете, овде живеат повеќе етнички групи, пред се големото албанско малцинство живее во мир со мнозинското население. Но, во 2001 година видовме дека ситуацијата сепак е компликувана. Позицијата на Македонија не е лесна. Не е само грчкиот проблем, туку и со Бугарија односите би можеле да се покажат како многу проблематични. Просечниот Бугарин, а уште повеќе моите колеги од областа на науката, се до денес го застапуваат мислењето дека сите Македонци се Бугари, и Македонија може да биде само дел од Бугарија. Тоа е стар идеолошки начини на размислување од 19 век.

Прашање:

Еднаш рековте дека би можеле да се разбудиме и одеднаш македонското прашање е решено. Дали е тоа реално?

Одговор:

Би требало секогаш да се размислува од перспектива на Европската Унија. Проблем беа границите, а границите создадоа малцинства. Ако границите во една обединета Европа бидат надминати дотаму што еден ден воопшто не би постоеле, тогаш и прашањето на малцинствата ќе се реши. Јас мислам на заеднички европски идентитет како долгорочна перспектива, значи не на нешто краткорочно. Во тој случај конфликтите меѓу Македонија и Бугарија, меѓу Македонија и Грција би можеле да бидат надминати. Погледнете го случајот со Србите, кои имаа слични погледи и по Првата Светска војна Македонците ги третираа само како Срби од планините или јужни Срби. Србите во Титова Југославија се научија на толерантност и ја признаа македонската нација. Денес од Србија повеќе не се слушаат агресивни тонови дека тие се наши луѓе и дека сите се Срби.