1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проблемот за името од политички да стане правен

14 февруари 2010

Спорот со името за Европа не е горлив, иако за Македонија времето тече. За европско посредување нема расположение. Може ли хрватското искуство да биде решение и за македонско-грчкиот јазол?

https://p.dw.com/p/M0eB
Фотографија: AP Graphics/DW

Патот на сите земји од Балканот е во ЕУ. На ова потсети во годишниот извештај Друштвото за Југоисточна Европа чии членови немаат дилеми дека ситуацијата меѓу Македонија и Грција е заглавена. Може ли Унијата и Германија да ги земат работите во свои раце и да посредуваат?

„Мислам дека Германија сама нема да посредува“, смета поранешниот германски амбасадор и одличен познавач на Балканот, Герт Хинрих Аренс, дополнувајќи дека проблемот е што ниту еден претседател на грчка влада сега не може да го прифати уставното име зашто внатрешно не би преживеал. А сега со актуелните економски проблеми ќе биде уште потешко.

Geert Ahrens, OSZE Botschafter in der Ukraine Wahlbeobachter Wahlen
Амбасадорот Герт Аренс смета дека Германија сама нема да посредуваФотографија: AP

Алтман: Македонија реагираше несмасно

Со оглед што посредништвото го водат Обединетите Нации и Метју Нимиц, во моментов секое мешање однадвор би било тешко, смета политикологот Ханс Лотар Алтман, според кого сигурно дека зад кулисите може нешто да се направи, но тој не знае дали Германија може малку да притисне врз Грција. Од друга страна, Германија од оваа дискусија се повлече откако македонската влада „малку несмасно”, националистички реагирала на грчките позиции, вели Алтман, дополнуваќи дека тоа не била вистинска реакција и со тоа Македонија изгубила дел од поддршката која ја уживала кај западноевропските земји.

Месиќ: За Македонците прашањето за името е длабоко национално, за Грција тоа е политичко

Унијата треба да посредува во спорот, смета хрватскиот претседател Стипе Месиќ кој на заминување од функцијата имаше обраќање во Берлин на заседанието на Друштвото за ЈИЕ:

„Европа може да придонесе така што ќе ги седне двете страни на преговарачка маса. За Македонците прашањето за името е длабоко национално, за Грција тоа е политичко. Во оваа смисла, треба да се разговара и со меѓународна помош да се изнајде едно средно решение. Зашто факт е дека Македонија постои, дека постојат македонски граѓани и дека во неа живеат и Македонци и Албанци. Но, факт е и дека во стариот век постоела и друга Македонија. Митовите и далечната историја не треба да се врзуваат со денешните политички односи”, изјави за македонската прогерама на радио Дојче веле Стипе Месиќ, потсетувајќи на споровите кои ги имаше Хрватска со Црна Гора и Словенија околу отворените граници. Тие жешки точки сега се регулирани со привремени спогодби, а кога ќе се создадат услови формално правно ќе треба да ги реши Меѓународниот суд.

Alter kroatische Präsident Stjepan Mesic
Митовите и далечната историја не треба да се врзуваат со денешните политички односи, смета Стипе МесиќФотографија: DW

„Со потпишување на арбитражната спогодба добивме нов залет во односите. Спорното прашање е префрлено од политичката во правната сфера. Тоа би можело да се примени и во случајот на Македонија”, смета Стипе Месиќ.

„Ми изгледа дека позициите се прилично заглавени. Јас лично имам малку разбирање за грчката позиција. Сметам дека треба да биде пофлексибилна. Можам да си ја замислам Македонија во Европската унија и без конечно решение на проблемот со името, но ќе биде секако подобро доколку што поскоро се изнајде решение”, оцени и Рихард Шварц, шведски експерт за Балканот и новинар кој е годинашен добитник на медиумска награда „Рудолф Фогел-медал“ на Друштвото за Југоисточна Европа.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема