1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проблематичен стартот на задолжителното средно образование

Свето Тоевски7 август 2008

Дали стартот на задолжителното средно образование ќе придонесе земјата да го напушти европското образовно дно? Локалните самоуправи не можат сами да го носат товарот на новата образовна реформа.

https://p.dw.com/p/ErxV
Фотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb
На 20-ти август годинава, во рамки на вториот уписен рок, во 101 средно училиште во Македонија ќе има за пополнување дури 12 илјади слободни места. Во првиот рок се запишаа 21.500 завршени осмоодделенци. Дали стартот на задолжителното средно образование ќе придонесе земјата да го напушти европското образовно дно, каде што се наоѓа со бројка од само 47 отсто граѓани што имаат барем средно образование, според статистичките податоци? Просекот на земјите од Европската унија е 69 отсто граѓани со завршено такво образование.

Примената на новиот закон им е препуштена на општините

Лефкија Гажовска, градоначалничка на Крушево и претседателка на Асоцијацијата на општини на Македонија, коментира за Дојче Веле: „На почетокот на оваа година истакнавме преку ЗЕЛС дека општините, дефинитивно, не ќе бидат подготвени сами да го понесат товарот на реализацијата и на стартот на задолжителното средно образование. Освен, ако доволно бргу Министерството за образование нема некој концепт во смисла на билет, кој ќе ги покрива трошоците на средношколците од прва година, или, едноставно, минимален пакет, со кој што преку одредени средства ќе бидат платени сместувањата во ученичките домови и во домовите, семејства на средношколците“.

Институтот за демократија од Скопје уште лани во април направи анализа, од која произлезе и сега актуелниот заклучок: „Задолжителното средно образование не ќе може да одговори на предизвиците, ако државата не помогне“. Марко Трошановски, истражувач во Институтот и еден од авторите на анализата, вели едека е потребно „ ... државата да развие механизам на субвенционирање и поткрепување на општините, за да можат да управуваат со овие средни училишта“.

Вукашин Тодоровски, директор на средното стручно училиште „Мирко Милевски“ од Кичево, кон кое гравитираат повеќе од 10 – тина општини од регионите на Кичево, Македонски Брод до Демир Хисар, е конкретен: „Ќе биде тежок проблем. Дали Министерството ќе го финансира и ние ќе распишуваме тендер за превоз, или ќе им се плаќа на учениците паричен надоместок, па тие ќе бараат возач, кој ќе ги носи? Се уште тоа не ни е разјаснето.“

Ќе се случи ли циклична рецентрализација?

Марко Трошановски од Институтот за демократија предупредува: „Главен проблем е тоа што може да се појави „циклична ре – централизација: значи, повторно враќање на средното образование под капата на централната власт. Од централната власт училиштата им беа предадени на општините тие самите да ги управуваат. Но, што се случи? Поради тоа што немаат доволно пари, законот предвидува државата повторно да им ги одземе на една година на општините и таа да управува со училиштата, ако тие не покажат капацитет“.

Во Тетово, покрај финансиските проблеми и огромниот недостиг на простор во петте средни училишта, има и една друга специфичност. Енвер Беќири, началник на Секторот за образование во општина Тетово, нагласува: „Дваесет и три проценти од учениците воопшто не се појавиле да го продолжат образованието. Иако сме се обратиле до Министерството за образование неколку пати во текот на учебната година, уште немаме никакво известување зошто не се дадени 320 илјади евра за адаптирање и санирање на објектите на следните училиштата. Општината не ќе може да го направи тоа сама со својот буџет“.

Министерството за образование веќе порача дека го зголеми годинашниов буџет за образование за 10 – 15 отсто, со подготвеност и за нови поголеми суми, ако биде потребно. Едновремено, граѓаните се предупредени на казни од илјада евра, зако не ги запишат своите деца.