Пријателско предупредување од ЕУ до Турција
26 јуни 2013ЕУ се согласи да ги обнови преговорите со Турција, но го одложи клучниот меѓувладин состанок со Анкара, покажувајќи избалансиран однос кон жестоката пресметка на владата на Ердоган со анти-владините демонстранти.
Министрите на 27. земји членки избегнаа поостар одговор кон Турција, стравувајќи дека тоа само дополнително би ја оддалечило таа земја од Унијата. Многу од демонстрантите и либералните интелектуалци во Турција исто така ја повикаа ЕУ да ги обнови преговорите.
„Иако сме вознемирени од реакцијата на мирните демонстрации во Турција, веруваме дека приближувањето кон ЕУ е најефективното орудие кое го имаме за да влијаеме врз реформската агенда во Турција“, изјави Еимон Гилмор, шефот на ирската дипломатија, актуелен претседавач со ЕУ. ЕУ-министрите одлучија да отворат ново поглавје во преговорите со Турција, за првпат по пауза од три години, пред се' поради проблемите со Кипар и блокадата од Франција.
Поранешниот амбасадор на ЕУ во Турција, Марк Пјерини, оценува дека одлуката на министрите на Унијата била избалансирана. Од една страна, министрите одговорија на острите критики од турските власти на сметка на ЕУ и на Германија, а од друга им дадоа поддршка и на мирните демонстранти.
„Поради јазикот кој турската влада го користеше кон Европскиот парламент и кон Германија, јасно беше дека ќе има последици. Во дипломатскиот живот постојат стандарди и норми и тие не беа почитувани од турските претставници“, вели Пјерини за ДВ.
Жестоки критики од Анкара
Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган го обвини Брисел дека е „недемократски“ и „едностран“, по упатените критики на негова сметка. Министерот за ЕУ Егемен Багис минатата недела предупреди дека Германија ќе се соочи со последици доколку Ангела Меркел не попушти во блокадата на повторното започнување на преговорите.
„Причината поради која ЕУ не ги прекинува преговорите е јасна. Протестите на Таксим покажаа дека тие луѓе ги прифатиле европските вредности. Тоа е основната причина поради која ЕУ не ги прекинува преговорите“, вели Пјерини.
Според него, следните месеци ќе бидат клучни за иднината на турското приближување кон ЕУ.
„Оваа криза им остави јасен избор на турските власти. Во следните месеци или ќе има повеќе нетолеранција и поларизација или повеќе толеранција и соработка“.
Но Ердоган, барем засега, не покажува помирлив тон кон демонстрантите. Во пресрет на локалните избори во март, тој ги обвинува демонстрантите дека се терористи, странски платеници или припадници на интересни групи кои сакаат да ја урнат владата. Обидувајќи се да ја добијат поддршката на конзервативните групи и националистите, членови на неговата АКП партија повторно ја ставаат под прашање потребата од ЕУ.
„На ЕУ и‘ треба Турција, повеќе одошто на Турција и‘ треба ЕУ“, изјави министерот Багис. Но и покрај запалливите коментари, аналитичарите сметаат дека на Турција и натаму и‘ е потребна Унијата, не само заради натамошната демократизација и стабилизација, туку и заради одржување на економскиот бум.
„Доколку ги погледнете основите на турската економија, во смисол на трговија и инвестиции, околу 80 проценти од директните странски инвестиции во земјата доаѓаат од ЕУ. Најголемиот дел од технологијата доаѓа од ЕУ“, тврди Пјерини.
„Да се каже дека на Турција не и‘ треба ЕУ е дневна политика. Но тоа не е реално во однос на основите на турската економија“, заклучува европскиот дипломат.