Пријателот на силуваната Индијка со критики за полицијата
5 јануари 2013Денеска (05.01.2012) во Индија започнува судскиот процес против петтемина осомничени за силување на индиската студентка во приватен автобус во Њу Делхи на 16 декември. На извршителите на грозоморното злосторство им се заканува смртна казна. Индиската влада имено, по случајот што ја разбранува и потресе целата земја вети дека против насилството врз жените ќе се бори со „железна рака“.
Како животни
Во меѓувреме, првпат во јавноста проговоре и пријателот кој ја придружувал силуваната студентка во автобусот во Њу Делхи, а и самиот бил жртва на насилниците.
„Злосторниците беа несфатливо брутални. Ни животни не се однесуваат така“, изјави пријателот на студентката за индиската телевизија Зее. Момчето, чиј идентитет телевизијата не го откри, во интевјуто изјави дека повеќе од еден час откако тој и студентката по злоставувањето голи и раскрварени биле исфрлени од автобусот никој на улица не им пришол да им помогне. Пријателот на студентката изјави дека неколку минути бил во онесвестен, а потоа се обидел да запре неколку луѓе на велосипеди и во автомобили за да им помогнат, но сите само продолжувале натаму.
Кога по 45 минути дошле припадниците на полицијата, потрошиле вредни 15 минути во расправа која полициска станица е надлежна за случајот и каде треба да бидат одведени повредените.
„Таа не разбуди сите“
„Ние викавме по нив: ве молиме дајте ни нешто да облечеме, но тие беа зафатени со расправата за тоа каде да не‘ одведат, во која полициска станица и каде би требало да го пријават нашиот случај“, рече момчето. Дури два часа по злосторството неговата пријателка била однесена во болница.
Момчето кое за време на интервјуто седеше во инвалидска количка уште изјави дека ја посетил својата силувана пријателка во болница и и’ рекол дека напаѓачите се уапсени и и’ ветил оти ќе се бори за неа.
„Таа сите не‘ разбуди со својата храборост. Луѓето би морале да реагираат за да оневозможат вакви злосторства да се повторат, а одговорност на властите е да го спречат тоа“, изјави пријателот на силуваната Индијка.
Овој случај ја разбуди и крена на нозе домашната јавност. Во речиси секојдневните протести беа покренати прашањата за положбата на жената во индиското општество, за функционирањето на полицијата, измените во законодавството, како и за начинот на кој функционираат судовите.