1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приштина порачува: без условувања молиме!

Вера Тодоровска9 септември 2008

Косовските авторитети се оптимисти дека Македонија многу брзо ќе ја признае независноста на Косово, но се против било какво условување признавањето да биде проследено со прифаќањето на уставното име на Македонија.

https://p.dw.com/p/FEZu
Фатмир Сејдиу и Хашим ТачиФотографија: picture-alliance/ dpa

Косовските власти ја нагласуваат ангажираноста за добри партнерски и доборсоседски односи со Македонија, но не се врзуваат, како што вели претседателот Сејдиу, со било какви условувања, туку ќе се сконцентираат во решавањето на техничките прашања, како што е демаркацијата на гранцата.

„Ние никогаш не се врзуваме со условувачки формули . За нас многу позначајно е овие практични односи кои се со Македонија да продолжат на најдобар можен начин. Природно дека ќе дојде момент и за реципрочно признавање, но не сметам дека треба да определам кога ќе се случи тоа“, изјави косовоскиот претседател, Сејдиу.

И премиерот Хашим Тачи го дели истиот став за односите со Македонија, но избегнува да даде директен одговор на прашањето дали Косово е подготвено да ја признае Македонија под нејзиното уставно име: „Меѓу Приштина и Скопје ќе има само унапредување на соработката меѓу двете влади и инситуциите на нашите две земји. Наредните денови ќе има поголемо разбирање кај македонските авторитети за косовската реалност.“

„Силно верувам“, додава Тачи, дека „Македонија како и другите демократски земји ќе биде дел од признавањето на независноста на Косово.“

Според медиумите, реакцијата на косовоските авторитети доаѓала веднаш по изјавата на македонскиот претседател, Бранко Црвенковски дека употребата на уставното име на Македонија од страна на косовоската влада и демаркацијата на границата се две значајни прашања кои ќе влијаат во формулирањето на ставот околу признавањето на Косово.