1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Притисок врз сириската опозиција

ЖА/дв/ртре/дпа4 ноември 2013

Сириската опозиција не е подготвена да учествува на планираната мировна конференција, ако сирискиот властодржец Асад не поднесе оставка. Арапската лига сака сепак бунтовниците да ги доведе на преговарачка маса.

https://p.dw.com/p/1AB4v
Фотографија: Reuters

Арапската лига врши притисок врз сириската опозиција да земе учество на планираната мировна конференција за Сирија. На крајот на вонредниот состанок синоќа во Каиро министрите за надворешни работи на членките на Арапската лига ги повикаа различните групи на Националната коалиција да формираат заедничка делегација.

Се‘уште е нејасно кога ќе биде одржана мировната конференција за Сирија во Женева, според првичните планови таа требаше да се одржи на 23 и 24 ноември во Женева. Главната сириска опозициска група, Сириската национална коалиција (СНК), нема да учествува на најавената мировна конференција за Сирија, доколку не добие гаранции за оставка на сирискиот претседател Башар ал-Асад, соопшти нејзиниот лидер, Ахмад Џарба. Како втор услов за учество на СНК на конференцијата во Женева, Џарба го постави и неучеството на Иран на форумот. Лидерот на СНК ваквите услови ги постави на вонредната средба на министрите за надворешни работи на Арапската лига во Каиро,

Специјалниот пратеник на ОН и Арапската лига за Сирија, Лахдар Брахими, истакна дека не треба да се поставуваат предуслови за учество на долго одложуваната конференција.

Сирискиот претседател Башар ал-Аасд и натаму одбива давање оставка. Сириските власти ги осудија последните коментари на американскиот државен секретар Џон Кери, кој престојува во Египет, дека САД се залагаат за политичка транзиција во Сирија без учество на претседателот Башар ал-Асад. Дамаск изјавите на Кери ги оцени како „флагрантно мешање во сириските работи“:

„Државниот секретар и натаму дава изјави кои се закануваат да предизвикаат неуспех на мировната конференција во Женева“, предупреди сириското Министерство за надворешни работи.