1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пристапниот дијалог - шанса за Македонија

21 февруари 2012

Македонија да ја искористи можноста што се пружа со започнувањето на Пристапниот дијалог на високо ниво, советуваат тројцата европратеници Ричард Хауит, Едуард Кукан и Алојз Петерле при посетата на Скопје.

https://p.dw.com/p/146db
Фотографија: MIA

Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Македонија и Европската комисија не е замена за пристапните преговори, порачаа европратениците Ричард Хауит, Едуард Кукан и Алојз Петерле по денешната средба со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски. Тие сметаат дека дијалогот, што ќе стартува во март, е добра основа за напредок во интеграцијата на Македонија и начин да се искористи времето до стартот на пристапните преговори.

Исти пораки европратениците од неформалната група „Пријатели на Македонија“ му пренеле и на македонскиот претседател Ѓорге Иванов како и на членовите на собраниската Комисија за надворешна политика, за европски прашања, Мешовитиот парламентарен комитет Македонија-ЕУ и членовите на Националниот совет за евроинтеграции.

Дел од македонските пратеници побараа Европската унија да го охрабри дијалогот меѓу Македонија и Грција, со цел конечно затворање на прашањето за името. Осврнувајќи се на прашањето за името, европратеникот Хауит порача дека работа на европските институции не е да посредуваат во спорот, туку да охрабрат дијалог во однос на спорот.

Македонскиот претседател како и претходно шефот на дипломатијата Попоски високо го оцениле вклучувањето на придавката „македонски“ во Предлог-резолуцијата на Европскиот парламент. Тројцата европратеници денеска имаат средби и со премиерот Груевски, како и со претседателот на Собранието Вељановски.

Автор: АТ/ миа/ макфакс

Редактор: Борис Георгиевски