1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Примирје меѓу ЕВН и македонските власти

24 февруари 2011

Судскиот спор меѓу македонската влада и ЕВН е ставен во мирување, открива ексклузивно за Дојче Веле, шефот на ЕВН Гинтер Офнер. Наскоро се очекува вонсудско решение

https://p.dw.com/p/10MIC
ЕВН бараше од Македонија отштета од 200 милиони евраФотографија: Petr Stojanovski

Најголемиот стопански судски спор во историјата на Македонија е на пат да заврши со вонсудска спогодба. Австриски ЕВН и Државните електрани склучија примирје. Запрен е процесот против Република Македонија пред меѓународната арбитража, открива ексклузивно за Дојче Веле еден од австриските шефови на ЕВН.

Спорот што австриски ЕВН го поведе против Република Македонија пред арбитражниот суд во Вашингтон е ставен во мирување. Двете страни зрачат со оптимизам дека наскоро ќе дојде до вонсудско решение на основниот спор што се води на македонскиот суд и дека ќе нема потреба од инволвирање на меѓународните судови. Првиот човек на ЕВН Македонија Гинтер Офнер преку Дојче Веле обелодени дека тужителите го замзрнале процесот во Вашингтон.

„Процесот во Вашингтон е ставен во мирување со оглед на нашиот впечаток дека преговорите за спогодбено решение се одвиваат добро и нашите очекувања се дека тоа ќе се случи во наредниот период“, изјави Офнер за Дојче Веле.

Оптимистички се очекувањата и на спротиставената страна. Директорот на државните електрани Влатко Чинговски се надева на скорешно затворање на спорот.

Спогодбата засега тајна

Во оваа фаза од процесот ниту една страна не сака да открие на што се базира компромисот. Деталите од вонсудската спогодба ќе бидат објавени кога таа официјално ќе биде постигната. Неделава пред судот во Вашингтон требаше да се одржат првите сослушувања во процесот што австриски ЕВН го поведе против Република Македонија. Државата е тужена за повреда на билатералниот договор за заштита на инвестициите меѓу Македонија и Австрија. ЕВН бара отшета од една милијарда евра. Во истовреме се води спор вреден 200 милиони ева и пред судот во Македонија.

Двете страни се тужат за стари ненаплатени сметки за струја од граѓаните и фирмите во периодот од 1995 до 2004 година. Станува збор за 100 милиони евра како побарувања, и уште толкава камата, од старото „Електростопанство на Македонија“ за кои ЕЛЕМ во тужбата тврди дека требало да легнат на нивната сметка. ЕВН, пак, сосема поинаку го толкува договорот за поделба на ЕСМ, односно Анекс-договорот за делбен биланс кој е клучниот документ во спорот.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Борис Георгиевски