1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Примирјето во Газа е прекинато

Бетина Маркс и Агенции18 јануари 2009

Израелската авијација повторно гранатираше цели во Газа и покрај едностраното примирје кое го прогласи Израел. Ова е одговор на најновите палестинските ракетни напади.

https://p.dw.com/p/GaiD
Продолжува израелската офанзива во ГазаФотографија: AP

Израелската армија утринава повторно изврши воздушен напад врз појасот Газа, на само неколку часа откако прогласи едностран прекин на огнот. Според агенциите, во нападите загинал и еден Палестинец. Армиски портпарол изјави дека е ова одговор на ракетните напади врз израелска територија во близина на градот Здерот, кои утринава ги изврши палестинското движење Хамас.

Претходно израелскиот кабинет прогласи еднострано примирје и победа во офанзивата против Хамас. Во телевизиското обраќање израелскиот премиер Ехуд Олмерт изјави:

„Воените цели коишто ги зацртавме се исполнети. Хамас е сериозно ослабен, им нанесовме голем удар и им ја разурнавме инфраструктурата“.

Israel Ministerpräsident Ehud Olmert in Jerusalem
Израелскиот премиер Ехуд ОлмертФотографија: AP

Хамас порача:војната продолжува

Според владината одлука, израелските копнени трупи остануваат во појасот.Токму тоа е причината поради која Хамас не го прифати примирјето. „Се’ додека израелските трупи целосно не се повлечат од појасот ние ќе продолжиме да се бориме. Никој не може да не запре“, изјави Осама Хамадан, портпарол на движењето.

По првичните позитивни реакции на веста за едностраното примирје, но и по новиот развој на настаните, продолжуваат меѓународните дипломатски напори за целосно запирање на насилствата во Газа.

Во Египет, на покана од претседателот Хосни Мубарак, денеска се одржува кризен самит за ситуацијата во на Блискиот исток. Претставник на Палестинците е претседателот Махмуд Абас. Претставници на Хамас не се поканети. На средбата, меѓу другите ќе присуствуваат и генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Никола Саркози и британскиот премиер Гордон Браун.

Инаку во 22 дневната израелска офанзива досега загинаа над 1200 Палестинци.