1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прехранбената индустрија во криза - увозот расте, извозот паѓа

Костадин Делимитов17 јули 2012

Македонија увезува двојно повеќе храна од она што го извезува. Во земјата која се декларира како земјоделска, наместо да расте, извозот на храна е во обратен, надолен тренд.

https://p.dw.com/p/15YlM
Фотографија: picture-alliance/dpa

Загуби, намален извоз, зголемени залихи, неликвидност во работењето - ова се клучните проблеми кои со години го кочат развојот на македонскиот прехранбен сектор. Иако се исплаќаат милионски субвенции за земјоделците, увозот на храна е речиси двојно поголем од извозот. Само лани била увезена храна за фантастични 672 милиони долари, што е за 20% повеќе од претходната година, а трговскиот дефицит е речиси 300 милиони. Дополнително загрижува податокот што и извозот на овошје и зеленчук во првиот квартал е намален за 31,4%. Истовремено, расте увозот на месо и преработки од месо. Се извезува главно евтина суровина, а се увезуваат скапи преработки.

Се бега од големите купувачи зашто не може да се произведе толкаво количество храна

Македонските производители велат дека можат да произведат повеќе, но им недостигаат обртни средства:

„Како конзервна индустрија во Македонија можеме секоја година да растеме најмалку по 30% и да можеме после неколку години да бидеме подготвени да снабдуваме големи купувачи да кажеме во Германија како што е еден Реве, Лидл. Ние од големите наши купувачи бегаме не затоа што немаме добри цени, туку затоа што не можеме да одговориме со количества. Проблем е како да се произведе повеќе, тоа е врзано и со земјоделството. Значи сега земјоделците имаат субвенции, имаат дури два денари субвенција од предаден килограм пиперка во конзервна индустрија. Со тие субвенции и другите кои им ги дава државата тие имаат интерес да произведат повеќе, но и тие како и ние немаат доволно средства за да го финансираат производството“, изјави за Дојче Веле Момчило Ивановски, сопственик на фабриката Бонум, една од 50-ината конзервни фабрики кои главно работат за извоз.

Tomatoland sind Gewächshäuser in die Nahe von dem Stadt Sveti Nikole
Како да се произведе повеќе?Фотографија: Aleksandar Stojkov

Субвенциите помагаат за да се одржи нивото на производство

Големо влијание за овој негативен тренд имаат и ниските откупни цени на земјоделските производи. Субвенциите што во последните шест години изнесуваат 350 милиони евра и понатаму служат само за задржување на нивото на производство:

„Последниве години во земјоделството имаше многу ниски откупни цени што не даваше можност за негов развој. Со застарена механизација кај индивидуалниот сектор и неможноста за набавка на нова тоа придонесе да не може да се развие производството. Овие неколку години со субвенциите со помош на Владата производството не се зголеми, но доколку не беа тие, тогаш тоа сигурно ќе се намалеше. Мислам дека цените од минатите години не даваа можност за развој на земјоделството и тоа имаше длабоко влијание врз нашето производство кое е далеку од она што треба да биде. Мислам дека во наредните години со вакви стимулации има можност за развој на земјоделството за поголеми приноси, со една посовремена механизација која би ја обезбедиле индивидуалните земјоделци за секако ова производство се зголеми и да е поконкурентно на пазарот.“, изјави за Дојче Веле Драги Петровски, директорот на ЗИК Пелагонија.

Ernährungsindustrie gegen Verwendung von Klonfleisch
Македонија има огромен суфицит во увозот на месоФотографија: AP
Mazedonien Saisonarbeiter bei Basino selo
Фотографија: DW

Дополнителни проблеми за производителите предизвикуваат и температурите, кои според проценките ќе ги намалат приносите за над 20%. Статистиката покажува дека во првиот квартал годинава, освен кај овошјето и зеленчукот, Македонија има огромен суфицит во увозот на месо и преработки од месо, млечни производи и јајца, жита, шеќер, кафе, чај, добиточна храна.