1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

070509 Medwedew Amtsjubiläum

7 мај 2009

Веќе точно една година рускиот претседател се вика Дмитри Медведев, а не повеќе Владимир Путин. Дури и ако тој во внатрешната политика говори со полиберален тон, тандемот Путин- Медведев функционира беспрекорно.

https://p.dw.com/p/HlNa
Од инаугурацијата на Дмитри Медведев на 7 мај 2008 годинаФотографија: AP

Како се вика рускиот претседател? 62-годишниот Виктор одговара како од пушка: „Тоа е Владимир Путин“

Веќе една година рускиот претседател се вика Дмитри Медведев. Владимир Путин е шеф на владата, а со тоа според рускиот Устав, му е подрден на претседателот. И покрај тоа Путин дејствува како моќник. Тој беше оној кој се врати од Олимписките игри во Пекинг, кога изби војната на Кавказот. Тој ги одредува програмите за помош и мерките за борба против економската криза. Путин преговараше во спорот за испораките на природен гас со Украина и по три недели објави дека е постигнат договор. Во прилог на сето ова сведочи и лапсусот на водителот на преносот од Велигденската литургија од соборниот храм. Тој ги наведе имињата на присутните личности, меѓу другите и на премиерот и на претседателот: „Тука е нашиот премиер, премиерот на Русија, Дмитри Владимир Владимирович Путин и претседателот на Русија Владимир Владимирович Путин.“

Vladimir Putin - Partei Vereinigtes Russland
Премиер како претседател - Владимир ПутинФотографија: picture-alliance/dpa

Само 12 насто Руси го сметаат Медведев за вистински претседател


Медведев не може да биде задоволен од толкаво неуважување. Лилја Шевцова од Московскиот Карнеги центар вели: „Медведев како претседател не се чуствува сосема пријатно во својата кожа, кога премиерот донесува важни одлуки. Нему најверојатно му е мачно поради тоа што доживува дека руската јавност не го смета за вистински претседател. Резултатите од истражувањата од пред две недели покажаа дека само 12 насто од Русите го сметаат Медведев за вистински претседател и за водечка политичка личност во државата. Останатите таа улога му ја припишуваат на Владимир Путин“, вели Шевцова.

Мнозинството Руси истотака се убедени дека Путин по три години повторно ќе се кандидира на претседателските избори. За таа цел веќе е променет уставот на земјата. Покрај тоа претседателот на земјата во иднина наместо четири на власт ќе остане шест години. Пред една година Дмитри Медведев беше инаугуриран за руски претседател со голема прослава. Путин го предложи за свој наследник и тој беше избран со преку 70 насто од гласовите на граѓаните.

Беспрекорен тандем Путин-Медведев

Russland Dimitri Medwedew und Wladimir Putin auf dem Roten Platz in Moskau
Путин и Медведев - Тандем од соништатаФотографија: picture-alliance/ dpa

Наредниот ден Путин на предлог на Медведев беше избран за премиер. Оттогаш наваму двајцата владеат во тандем. Медведев се претставува како полиберален од неговиот претходник. Тој уште пред да биде избран го нагласи значењето на слободата и независноста на правосудството. Минатото лето го отфрли нацрт-законот за заострување на законите за медиумите. За време на средбата со претставниците на невладините организации кои Кремљ строго ги надгледува и контролира, тој стави до знаење дека ќе им ја олесни работата: „Сигурен сум дека сте незадоволни со законот во оваа област. Јас сум подготвен да ги сослушам вашите мислења и предлози околу законските измени“, рече тогаш Медведев.

Политичкиот аналитичар Шемцова смета: „Забележлива е јасна и свесна стратегија на владејачкиот тандем Медведев-Путин во формирањето на нова стратегија за преживување во услови на криза“.

Путин им се обраќа на националистите и на противниците на Западот, а Медведев на либералите, прагматичните и умерените, со иста цел: одржување на руското општество во иста состојба и стабилизација на сегашниот систем.


Автор: Естер Хартбрих / Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска