1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претрес во куќата на екс претседателот Вулф

3 март 2012

Две недели по оставката на претседателот Кристијан Вулф државното обвинителство изврши претрес во неговата куќа во Хановер. Против поранешниот покраински премиер и претседател се води истрага за уживање поволности.

https://p.dw.com/p/14EPb
Фотографија: picture-alliance/dpa

Државното обвинителство во Хановер започна со проценка на документите по извршениот претрес во домот на поранешниот германски претседател Кристијан Вулф. Според портпаролот на обвинителството порашеншниот претседател се покажал кооперативен. Претресот траел речиси четири часа, а службениците што го извршија претресот конфискувале документи и електронски носачи на податоци.

Во рамките на истрагата против Вулф во четвртокот бил извршен претрес во канцелариите и домот на филмскиот продуцент Давид Гроневолд во Берлин. Според информации на весникот „Билд“ истражните органи конфискувале и од Гроневолд документи.

Christian Wulff und David Groenewold
Кристијан Вулф и Давид ГроневолдФотографија: picture alliance / Eventpress Herrmann

Во рамките на истрагата и покраинската влада во Хановер на обвинителството му ставила на располагање документи во опсег од околу 450 страници, потврди портпарол на покраинскиот премиер Давид Мекалистер.

Кристијан Вулф поднесе оставка на 17 февруари, откако државното обвинителство во Хановер најави дека има намера да отвори истражна постапка против претседателот и неговиот пријател Давид Гроневолд поради сомневање за можно примање и давање на предност. Постои сомневање дека претприемачот Гроневолд на Вулф му плаќал одмори на островот Силт, во време кога Вулф ја извршуваше функцијата премиер на покраината Долна Саксонија. Покраинската влада една година претходно одобрила пак гаранции во висина од четири милиони евра за фирма на Гроневолд, кои не биле искористени. Вулф негира дека го прекршил законот, а за одморите на островот Силт тврди дека во готовина ги вратил парите.

Незадоволство во јавноста предизвика и одлуката на властите поранешниот претседател да добие годишна пензија во висина од 199.000 евра до крајот на животот. Одлуката од правна гледна точка е неспорна, меѓутоа повеќемина политичари апелираа до поранешниот претседател да се откаже од пензијата или да ги донира парите од морални причини. Според актуелните анкети дури 84 проценти од Германците се против, екс претседателот да ја добие пензијата.

Автор: АВ/ СН/ дв/ дпа/ дапд/ ртр

Редактор: Симе Недевски