1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Премиерот на Крим бара помош од Русија

Б. Георгиевски/афп/ртр1 март 2014

Новиот премиер на Автономната Република Крим Сергеј Аксионов побара помош од рускиот претседател Владимир Путин да го гарантира мирот во републиката. Обама предупредува од последици за Москва.

https://p.dw.com/p/1BHsJ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Новиот проруски ориентиран претседател на владата на Крим, Сергеј Аксионов кој беше избран пред два дена, соопшти дека ја презема контролата над сите воени, полициски и други сили за безбедност во регионот и дека не ја признава новата власт во Киев.

„Согласно мојата одговорност за животот и безбедноста на граѓаните се обраќам кон рускиот претседател Владимир Путин за помош во гарантирањето на мирот и безбедноста на територијата на Автономната Република Крим“, изјави Аксионов.

Регионалниот парламент на Крим ја формираше новата влада во петок, а новиот проруски премиер Аксионов веднаш ја даде поддршката на поранешниот претседател Виктор Јанукович кој во петокот одржа прес-конференција во рускиот град Ростов на Дон во близина на границата со Украина, нагласувајќи дека го смета за легитимен претседател кого го смени опозицијата која ја презема превласта во парламентот во Киев по тримесечните протести.

Ukraine Konflikt Krim Checkpoint
Контролен пункт на проруските сили во КримФотографија: picture-alliance/dpa

Од Москва експресно пристигна одговор во кој се вели дека „Русија нема да го игнорира барањето за помош на новиот премиер на Крим“. Дополнително и Кремљ денеска соопшти дека е „екстремно загрижен поради развојот на настаните на Крим“. Руското МНР смета дека случувањата во Крим се доказ за „желбата на високи политички кругови во Киев да ја дестабилизираат состојбата во Крим“.

Вооружени лица, за кои се верува дека се руски војници, вчера го зазедоа главниот аеродром во Крим, каде е сместена руската црноморска флота. Повеќе транспортни авиони слетале на воениот аеродром во близина на Симферопољ, а украинските власти проценуваат дека околу две илјади руски војници биле префрлени со авиони на воениот аеродром.

Обама предупредува од последици

Американскиот претседател Барак Обама синоќа изрази длабока загриженост поради информациите за придвижување на руската армија во Украина и предупреди на последици во случај на воена интервенција. Обама подвлече дека САД ќе бидат солидарни со меѓународната заедница во тоа дека ќе има последици во случај на било каква воена интервенција. Неименувани американски извори тврдат дека како прва мерка против Москва Обама најверојатно ќе го откаже учеството на Самитот на Г8 земјите во Сочи во јуни годинава.

Obama zur Lage auf der Krim
Барак ОбамаФотографија: picture-alliance/dpa

Новиот украински премиер Арсениј Јацењук изјави дека неговата земја нема да биде вовлечена во воен конфликт од руските „провокации“.

Мнозинското население на Крим го сочинуваат Руси. Полуостровот беше во состав на Русија до 1954. година, кога тогашниот советски лидер, Никита Хрушчов, инаку Украинец, одлучи да и‘ го додели стратешкиот полуостров на Украина. Севастопољ сепак остана седиште на руската поморска флота и по распадот на СССР, а Русија и Украина во 2010. година потпишаа повеќедецениски договор со кој во замена за користење базата, Украина добива пониски цени на природен гас.