1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Премиерот на владата на Кантонот Сараево поднесе оставка

Александар Методијев/фена/бета/миа8 февруари 2014

Околу 2.000 граѓани во Бихаќ денеска повторно се собраа на градскиот плоштад и бараа оставка од владата на Унско-санскиот кантон. Стотина млади, пак, во Сараево седеа на улица пред Претседателството на БиХ во Сараево.

https://p.dw.com/p/1B5Y7
Фотографија: klix.ba

На денешниот состанок на Кантоналниот одбор на Партијата за демократска акција, на која се разгледувала состојбата во Кантонот Сараево, премиерот во овој кантон Суад Зељковиќ информирал дека поднел оставка.

Претходно босанските медиуми јавија дека Зељковиќ на новинарка од телевизијата „Хајат“ и’ упатува вулгарни зборови додека таа преку телефон го прашува дали може да и’ даде изјава. Откако добива негативен одговор, таа го прашува премиерот дали можеби ќе даде оставка, по што на снимката се слуша пцовка.

Во меѓувреме, демонстантите во Сараево и денеска го блокираа сообраќајот и извикуваа: „Пуштете ги децата од затвор“, „Сакаме оставки“, „Излезете на улица“, „Сараево на нозе“. Демонстрантите извикуваа дека протестите се мирни и ќе продолжат се' додека премиерот на владата на Кнтонот Сараево, Суад Зељковиќ, не си поднесе оставка. Додека тие протестираа, пред зградата на Претседателството на БиХ во Сараево се наоѓаа неколкумина полицајци.

Каменувана куќата на побегнатиот премиер

Протест пред кантоналната влада во Бихаќ имаше и денеска. Демонстрантите таму ги дочекаа полициски кордони. Демонстрантите извикуваа: „Крадци“ и „Сакаме оставки“ и ги каменуваа полицајците. Тамошните медиуми јавуваат дека во Бихаќ пристигнуваат граѓани од другите градови во Унско-санскиот кантон.

Proteste in Bosnien und Herzegowina
Протестите денеска продолжија во неколку босански градовиФотографија: klix.ba

Полицијата таму запленила одреден број подготвени молотови коктели. Голем број од демонстрантите се упатија кон куќата на кантоналниот премиер Хамдија Липовача, кој вчера одби да поднесе оставка. Медиумите јавија дека синоќа тој со семејствово ја напуштил БиХ и заминал во Хрватска. Бидејќи полицајците се обидоа да ги спречат демонстрантите да се доближат до куќата на премиерот Липовача, тие почнаа да фрлаат со камења кон полицајците. Притоа дојде и до судир меѓу полицајците и демонстрантите. Агенциите јавуваат дека во тој судир има повеќе повредени лица. Демонстрантите се повлекоа откако ја каменуваа куќата на премиерот Липовача.

Протест организиран преку Фејсбук и во Сисак

Педесетина демонстранти, без реквизити, се собраа по повикот на Фејсбук на протест против жупанката Марина Ловриќ Мерзел. Протестот се одржа пред зградата на Сисачко-мославачката жупанија.

На протестот никој не се обрати и не ја презема улогата на организатор, па се' траеше дваесетина минути.

Против жупанката се води предистрага за наводни финансиски малверзации во жупанијата. За незаконито извлекување пари од жупанискиот буџет неа ја обвини нејзината поранешна шефица на кабинетот Јасмина Јовев. Жупанката најави тужби за клевета.

Во останатите босански градови денеска беше генерално мирно.