1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Премиерката го распушти парламентот во Тајланд

Б. Георгиевски/ап/бета9 декември 2013

Премиерката на Тајланд Јинглак Шинаватра најави распуштање на парламентот и одржување предвремени парламентарни избори, но и натаму не успева да ја смири политичката криза и протестите на опозицијата.

https://p.dw.com/p/1AVD2
Фотографија: Reuters

Ненадејната изјава на Јинглак Шинаватра се случи додека околу 100 илјади демонстранти излегоа на улиците на Бангкок да бараат смена на владата и заминување на влијателното семејство Шинаватра од земјата.

Вчера, сите опозициски пратеници го напуштија парламентот, а за денес е најавен марш кон зградата на владата.

Јинглак победи на изборите во 2011., но вчера најави дека планира да го распушти парламентот и да свика избори „во најкус рок“.

„Владата не сака да се губат животи. Во оваа фаза, кога многу луѓе се противат на мојата влада, најдобар начин да му се врати власта на тајландскиот народ е да се одржат избори“, изјави таа.

Кралот на Тајланд ќе мора да го одобри распуштањето на парламентот, по што изборите треба да бидат закажани во рок од 60 дена.

Тајланд е во перманентна криза од 2006. година кога војската го смени од власт Таксин Шинаватра, братот на Јинглак, кој потоа побегна од земјата за да избегне затворска казна за корупција.

Thailand Antiregierungsproteste in Bangkok 3. Dezember friedlich
Протести во БангкокФотографија: PORNCHAI KITTIWONGSAKUL/AFP/Getty Images

Опозициските лидери велат дека нема да бидат задоволни само со смена на премиерката, туку сакаат да го ослободат Тајланд од нејзиното моќно семејство.

Практично, во судир се елитата и образованата средна класа на Тајланд со сиромашната селска гласачка база на кланот Шинаватра, придобиени со популистичка политика.