1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Премиера на „Жената што ги избриша своите солзи“ на Берлинале

11 февруари 2012

Вечерва со почеток во 20 часот светска премиера ќе има македонскиот претставник на Берлиналето - филмот „Жената што ги избриша своите солзи“ на Теона Стругар Митевска.

https://p.dw.com/p/141vu
Плакат за филмот „Жената што ги избриша своите солзи“ во БерлинФотографија: DW

Со проекција за акредитираните новинари и пресконференција претпладневно својата претпремиера имаше македонскиот филм на Берлиналето во категоријата „Панорама специјал“.

„Се’ започна со вистинска случка, кога пред мене падна човек кој се самоуби. Трагичната смрт ме следеше долго...“, кажа на пресконференцијата по презентацијата на филмот за новинарите режисерката и автор на сценариото Теона Стругар Митевска.

Berlinale Galerie 10.02.2012
Берлинале 2012Фотографија: picture-alliance/dpa

Филмот кој стартува со трагичниот настан и скокање од балкон, говори за две жени, една во Париз, другата во Македонија кои силно ги сакаат своите синови единци, за нивната загуба, за силата да изнаоѓаат решенија.

Филмот минатата година беше сниман во Париз и во Македонија, каде како вели Стругар Митевска две години била во потрага по вистинската шума и време од денот кога би снимала. Двете женски носечки улоги ги имаат Викториа Абрил (Хелена) и Лабина Митевска (Ајсун).

Ова е приказна за две различни мајки. Едната, која има потреба самата да се казни по смртта на синот, а другата, која е принудена да го издржи секојдневното казнување за да може да опстане и да ја обезбеди иднината на своето дете. Абрил која ја толкува ролјата на непредвидливата Хелена од Париз, која малку говори, но решително делува, кажа дека по многу мејлови и притисок заминала на фестивалот во Битола, и место еден ден останала цела недела и се вљубила во Македонија. „Ме потсети на Андалузија, на моето детсво“, вели Абрил која ја има улогата на мајката Хелена, чиј син Ноа се самоубива со скокање од балкон. Таа целата вина за неговата смрт ја припишува на таткото Емил (Жан Мари Галеи), кој потекнува од Македонија и каде заедно патуваат да ја растурат пепелта на Ноа. Луциан (Арбен Бајрактарај) кој „на црно“ престојува во Франција и кој завршил в затвор е врската меѓу Хелена и Ајсун (Лабина Митевска). Ајсун со нејзиното вонбрачно дете (син на Луциан) живее во домот на нејзиниот татко во јуручко село во Македонија, каде се соочува со насилство и почитување на традицијата.

Internationale Filmfestspiele Berlin Der goldene Bär
Посакувана награда - македонскиот филм не е во главната категорија, но, филмската публика ќе има можност да го погледне во „Панорама специјал“Фотографија: Ali Ghandtschi/Berlinale 2008

Лабина Митевска која едновремено е и продуцент забележа дека е навистина успех што вака добар актерски тим работеше на филмот и дека тоа беше тешка задача.

Ова е трет игран и втор филм со кој Теона Стругар Митевска се презентира на Берлиналето. На прашањето на Дојче веле: Зошто филмот не е во главната конкуренција? Теона Стругар Митевска со воздишка само кажа: „Сакавме, се обидовме...“. Но, добро е што го има и во „Панорама специјал“ и што вечерва премиерно ќе може да го види фестивалската публика, која во оваа секција е најголем критичар и жири.


Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска