1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преместување на трупите на САД

Карстен Шмистер10 септември 2008

Американскиот претседател Џорџ Буш пред крајот на својот мандат засилено ќе се ангажира во Ирак и Авганистан. При говорот во Вашингтон, Буш најави дека планира да ги прераспредели трупите од Ирак во Авганистан.

https://p.dw.com/p/FFJW
Претседателот на САД, Џорџ БушФотографија: AP

Џорџ Буш вложи напори да го погоди вистинскиот тон. Задоволен беше, но не и пренападен „Непријателот во Ирак е опасен, но ние сме во офанзива. Ирачката армија се повеќе семостојно се бори. Успех врз чија база може да ги повлечеме трупите дома.“

Буш пред официрите во Вашингтон најави дека до наредниот февруари ќе бидат повлечени 8.000 од повеќе од 145 илјади американски војници стационирани во Ирак. Тоа не е многу, но наредната година може да дојде до ново повлекување на војниците, подвлече претседателот. Одлуката ќе ја донесе неговиот наследник.

Во Авганистан повеќе насилство отколку во Ирак

Во еден од неговите најверојатно последни говори за војната против теророт, американскиот претседател призна и дека во Авганистан има повеќе насилство отколку во Ирак „И покрај сите позитивни работи што ги постигнавме во оваа земја, мора уште многу да се стори. Тоа значи според искуството во Ирак: повторно мора да се воспостави поголема безбедност, а со тоа и поголем број војници.“ рече Буш кој најави зголемување на бројот на војниците во Авганистан и изрази жалење поради цивилните жртви во борбите во таа земја. Буш увери и дека американските трупи и нивните сојузници ќе сторат се’ за да се спречат трагичните несреќни случаи.

Обама го критикува Буш

На тема Ирак во рамките на предизборната кампања која е во тек во САД, зборуваше и кандидатот од Демократската партија Барак Обама, кој жестокот го критикуваше говорот на претседателот „Без временски план за повлекување на борбените единици, ирачката влада нема да се стави под потребниот притисок, конечно да ги надмине меѓусебните спорови. Принципот на Буш за минимално повлекување на трупите во зависност од успехот на мисијата не значи ништо друго, отколку повторување на стратегиските грешки, што ја одредуваат нашата надворешна политика повеќе од пет години.“ рече претседателскиот кандидат на Демократите Барак Обама.