1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преку испит до германски пасош

Жанет Зајферт/ Жана Ацеска29 септември 2013

Сѐ повеќе странци сакаат да станат Германци. Но, пред доселениците има многу пречки, на пример да докажат познавање на јазикот. Од пред 5 години мора да положат и тест за државјанство, за многумина - непотребен.

https://p.dw.com/p/19aA0
Фотографија: Getty Images

Кое животно се наоѓа на државниот грб на Германија? Што значи „народен суверенитет“? Ова се две од 33-те прашања кои Кетеван Џандири требаше да ги одговори на полагањето тест за државјанство во Работничкиот универзитет во Бон. Тестот опфаќа прашања од историјата, државното уредување, општествениот живот и културата во Германија. 51-годишната жена од Грузија во Германија живее од 2005 година, нејзиниот маж е Германец, исто и нејзините две деца. Таа добро се подготвуваше за тестот: „Постојат различни понуди за подготовка на интернет, сите прашања се достапни онлајн“.

Тестот е спорен

Тестот за државјанство беше воведен пред 5 години во целата земја, а уште тогаш жестоко се дискутираше околу неговиот смисол или бесмисленост. Претешки формулации, премногу детални прашања, гласеше критиката. Во меѓувреме тој е поедноставен на некои места. Но, експертот за миграции Дитер Тренхард сѐ уште го смета за прекомплициран:

„Доселениците со пониско ниво на образование или оние кои потешко се снаоѓаат со германскиот јазик сѐ уште не можат да излезат на крај со него“. Тој стравува дека одредени групи мигранти тестот ги одвраќа од барањето германско државјанство.

Symbolbild Einbürgerungstest
Фотографија: picture-alliance/dpa

Навистина, бројот на нови државјани по воведувањето на тестот прво забележа опаѓање. Во секој случај, краткотрајно, зашто од пред четири години тој повторно расте. Лани имало 112 илјади, пет проценти повеќе отколку во 2011 година.

Кенан Арац од „Акционото биро за стекнување државјанство“ во Бохум со години ги советува странците кои сакаат да се стекнат со германски пасош.

Откако стивна првичната возбуда, при разговорите тестот веќе не е тема: „Тоа се прифаќа како да е на пример тест за возачка дозвола. Сѐ повеќе луѓето го сметаат за нешто нормално“.

Кетеван Џандири интензивното зафаќање со новата татковина го доживеала дури позитивно: „Мора да се знаат важни работи за земјата во која се планира да се помине остатокот од животот“. Таа точно ги одговорила сите 33 прашања на испитот, иако доволни би биле и 17 точни одговори за полагање на тестот. Повеќе од 98 проценти од учесниците го полагаат тестот.

Германија го поддржува доселувањето

Ако сѐ оди добро, Кетеван Џандири наскоро ќе биде меѓу многуте луѓе кои секоја година примаат германско државјанство. Најголем број од новите Германци имаат турски корени, зашто тоа е најголемата група доселеници во Германија.

Einbürgerungs-Fragebogen in Hessen
Фотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

Но, германски пасош сѐ почесто посакуваат и луѓето од Југоисточна Европа, на пример од кризните земји на еврозоната - бројот Грци кои лани добиле германски пасош е зголемен за 80 проценти, а на Италијанците - за 30 проценти. Меѓу нив се и многу млади добро образовани луѓе, кои во татковината не можат да најдат работа и гледаат подобри шанси во економски силната Германија.

Државата засилено се ангажира околу вакви квалификувани доселеници. Зашто, во Германија има итен недостиг од стручна работна сила во бројни бранши. Некои покраини целно се залагаат мигрантите да побараат германски пасош. „Да, јас сакам“, е мотото во Северна Рајна Вестфалија, кое се чита на плакати и флаери.

„Тоа е мачкање очи“, критикува Кенан Арац. „Непотребно се фрлаат десетици илјади евра. Овие кампањи можеби му помагаат на понекој политичар, но не и на луѓето“.

Многу поцелисходно би било директното обраќање до доселениците и тоа на нивниот мајчин јазик. Зашто, досега само секој втор возрасен доселеник има германски пасош.

Добивањето државјанство не е едноставно

Иако покраините радо би доделиле германски пасош на повеќе луѓе, неговото добивање не е едноставно. Зашто, тестот за државјанство не е единствената пречка. Оној кој ќе поднесе барање за германско државјанство треба осум години да живеел во земјата, да не бил осудуван и да докаже дека заработува доволно за да не падне на товар на државата како социјален случај. Освен тоа, услов се и добрите познавања на германскиот јазик.

Според Министерството за внатрешни работи, тестот за државјанство треба да придонесе за интегрирање на доселениците.

„Не верувам дека со овој тест на кој било начин може да се подобри чувството за демократска припадност и прифаќање на уставот“, критикува експертот Дитрих Тренхард.

„Овде постои извесна недоверба, која доаѓа до израз“.

Пред сѐ доселениците кои кои веќе долго живеат во Германија, стекнуваат впечаток за постоење сомнеж во тоа дали можат да бидат добри државјани. Тренхард најрадо би го укинал тестот.

Од негов аспект во Германија е потребно итно олеснување на стекнувањето со државјанство: „Германија заостанува во европски рамки. Единствената земја каде исто така е тешко добивањето државјанство е Австрија“. Најголемата пречка, според него, за барање државјанство за луѓето од многу земји е што мора да се одлучат за еден пасош, на пример за Турците, Србите или Црногорците. Луѓето мора да се откажат од дотогашното државјанство за да станат Германци. Но, многумина не сакаат целосно да ги пресечат своите странски корени: „Бројот на нови државјани сигурно многу би пораснал, ако не мора да постои откажувањето од преходното државјанство“.