1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пред 50 години заборавен, денес многу популарен

10 јули 2010

2010 е година на јубилејни годишнини од раѓањето на неколку големи композитори. По одбележувањето на 200 роденден на Фредерик Шопен и Роберт Шуман деновиве се прославува 150 годишнината од раѓањето на Густав Малер.

https://p.dw.com/p/OFHQ
Густав МалерФотографија: E. Bieber

Премиерната изведба на синфонијата број 8 на Густав Малер во летото 1910 година во Минхен беше невиден спектакл. Никогаш претходно на една манифестација немало толку учесници. За величината на овој настан сведочи и епитетот „Синфонија на илјадници“, кој делото го носи до денешен ден.

„Осмата синфонија е голем настан. Таа може да ги придвижи масите, оди до границите на јачината на звукот и токму тоа го фасцинира модерниот човек на денешницата. Дури и за оние кои не се љубители на класиката едноставно е ипресивно да се чуе оркестар со 200 членови и хор од 500 луѓе“, вели главниот музички директор на Бетовеновиот оркестар од Бон, Штефан Блуние.

Несфатен додека бил жив а денес магнет за публиката

150 роденден на Густав Малер предизвика големо внимание во јавноста. Неговите најпознати синфонии во моментов се изведуваат од речиси сите поголеми оркестри во Германија. Малер денес е вистински магнет за публиката. Што е тоа што ги плени неговите обожуватели?

„Мислам оти тоа е некаква недопирливост на неговите дела, во која оние малку посензибилните препознаваат огромен потенцијал“, смета Штефан Блуние.

Gustav Mahler
Австрискиот композитор Малер починал на 50 годишна возраст во ВиенаФотографија: dpa

Густав Малер спаѓа во редот уметници кои за време на животот биле несфатени. Слушателите имале проблем да ја разберат пораката на неговите дела, така што тој не уживал голем углед како композитор. За време на Третиот Рајх неговата музика била прогласена за дегенерирана, додека пак во повоениот период едноставно сметана за премногу помпезна и oптоварена. Ренесансата на Малер започнува дури во 1971 и тоа благодарение на популарниот филм „Смрт во Венеција“. Режисерот Лучино Висконти одлучил во филмот да искористи некои елементи од Петтата синфонија на Малер, што се покажа како полн погодок, и со тоа предизвика вистински бум и ненадејна преродба на овој речиси заборавен композитор.

Звук што не може да го постигне ни најдобриот стерео уред

Така во последните 30 години делата од опусот на Густав Малер најдоа свое место во речиси сите поголеми концертни сали во светот и неизоставен дел од репертоарот на германските изведувачи на класична музика.

Се говори дека така и ќе остане, бидејќи по прославата на неговиот 150 роденден, веќе наредната година следува одбележувањето на сто годишнината од смртта на Густав Малер.

Имајќи ги предвид неверојатно комплексните структури на Малеровите синфонии, како и честопати бизарниот звучен јазик, за многумина е изненадувачка неговата голема популарност кај публиката. Меѓутоа Штефан Блумие смета дека токму овие екстреми се најфасцинантни во музиката на Mалер, која претставува посебно доживување кога се изведува во живо:

„Тоа едноставно е друга димензија. Кој барем еднаш имал можност во живо да ја чуе Осмата синфонија, свесен е дека тој звук не може да го постигне ниту најдобриот стерео- уред во светот“

Автор: Клаус Герке / Симе Недевски

Редактор: Трајче Тосев