1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пред уставот и законот се сите исти

Горан Петрески8 август 2007

Македонскиот министер за правда, Михајло Маневски, во интервју за ДВ говори за борбата против корупцијата и “спектакуларните апсења“

https://p.dw.com/p/BS5T
Михајло Маневски

Господине Маневски, во битката против организираниот криминал стасавте до поранешен премиер. Ви забележуваат дека случајот Бучковски е политички мотивиран, дека е прекршена правната процедура, дека битката почнавте да ја водите селективно. Каков е вашиот коментар на ова?

Маневски: ”Па, јас мислам дека пред уставот и пред законот сите луѓе се еднакви, независно од тоа на какви позиции биле и какви функции вршеле. Во борбата против корупцијата нема да биде изоставен ниту еден кој што посегнал по државни средства и кој што ги повредил службените овластувања и сторил кривични дела. Мислам дека не треба да се говори за никаква селективност затоа што очигледно е дека во одредени случаи кога ќе се посегне по одредени личности кои што вршеле функции, значајни функции, тогаш доаѓаме до ситуација да се применуваат различни и насилнички средства, што апсолутно не е во духот на прокламираната борба против корупцијата и се прави се‘ за да се остане само на декларативното, а да не се презема ништо конкретно. Тогаш кога се презема нешто конкретно, веќе се измислуваат многу работи, кои што не се во духот на функцијата на органите и во функцијата на воспоставување правен систем. ”

Господине Маневски, против корупцијата се борите една година како министер за правда и претходно четири или пет како член на Анти-корупциската комисија. Можете ли да се пофалите со конкретни резултати?

Маневски: ”Да, мислам дека одговорот е позитивен поради тоа што во Република Македонија навистина долго време се говореше за корупција, постојано се донесуваа некакви програми и се изнесуваа заложби, па и клетви дека ќе се бориме успешно против корупцијата, меѓутоа, за жал, долги години недостасуваа конкретни резултати. Јас бев четири години член на државната комисија за спречување на корупцијата и една година претседател, а претходно вршев функција на заменик јавен обвинител. Тоа значи дека долго време сум во функција на примена на законите, особено она што треба да значи спречување на корупцијата во Македонија. Корупцијата во Република Македонија, во изминатиот, долг транзиционен период дојде до високото 103 место, како што е рангирана во перцепцијата на корупцијата од 163 земји во светот, што не е добро за РМ. Тоа е срам за Република Македонија поради тоа што состојбите кои се евидентирани во изминатиот период во врска со примената на законите, очигледно дека не даваа никакви резултати. Сега ние, за неколку месеци практично, и како Државна комисија и како Влада имаме цврста определба за успешна борба против корупцијата, со конкретни мерки и средства. Јас можам да ви кажам дека за последните неколку месеци, веќе конкретно по поднесени обвиненија, се донесени некаде околу 70 пресуди против лица кои што сториле кривични дела, почнувајќи од случајот ”Бачило”, кој што стана синоним на корупција во РМ. Мислам дека РМ веќе помина од заложби на конкретни ефекти и конкретни резултати. ”

Владата на која вие и‘ припаѓате организираше спектакуларни апсења на познати лекари, бизнисмени...но, поголем дел од овие случаи останаа без правна разврска – случаите Докиќ, Заревски и други. Зошто е тоа така?

Маневски: ”Во Република Македонија веќе се прави одредена пресвртница. Поминаа времињата на лажни ветувања. Сега, кога се преземаат веќе конкретни активности и мерки, за конкретни случаи, кои што имаат и конкретни резултати, отпорите сепак не се надминати. И сега ќе чуете различни приговори дека се претерува со определување на мерката притвор, се прават како што велите вие, спектакуларни апсења, предолго се преземаат определени дејства. Овие отпори веројатно имаат за цел да продолжиме по старо, ништо да не смениме. Значи најдобро би било само да зборуваме за корупција, дека има корупција која не‘ задушува, но против таа корупција конкретно ништо да не направиме. Јас не знам што се тоа спектакуларни апсења или што е тоа прекумерно определување мерка притвор. Мерката притвор се определува согласно одредбите на законот за кривична постапка.”

Господине Маневски имате ли решение за деблокада на преговорите на преговорите за комплетирање на Судскиот совет?

Маневски: ”Мислам дека остана уште едно прашање за кое не се доближија ставовите на министерството и на владата, односно на предлагачот на законот и претставниците на некои од опозиционите политички партии, особено најголемата политичка партија, СДСМ, заради тоа што тие настојуваат мандатот на 170 јавни обвинители да биде продолжен со законот, што не е исправно, заради тоа што тие јавни обвинители се бирани според закон кој што предвидуваше ограничен мандат на траење на функцијата, а тоа е шест години и преодните решенија во законот што го предлага владата предвидуваат – на секој јавен обвинител како што ќе му помине мандатот, така да се јави на оглас и да може да биде повторно именуван, се разбира согласно критериумите што ги пропишува Законот за јавното обвинителство. Мислам дека ова е најисправно и најпринципиелно решение, но очигледно е дека се оди кон тоа да се задржи постојната структура на јавни обвинители, а да не се има можност да се оцени состојбата и секој од кандидатите, согласно критериумите, да може да биде повторно именуван на функцијата која што ја вршел дотогаш.”

Како во една таква ситуација кога никој не попушта, натаму ќе ги спроведувате судските реформи?

Маневски: ”Не се работи за тоа дали некој ќе попушти или не. Мислам дека веќе зрее сознанието дека тие што ги кочат судските реформи нанесуваат пред се‘ штета на државата и на граѓаните на РМ. Судските реформи се во функција на обезбедување на правата и слободите на граѓаните.”

Подготвена ли е Македонија за преземање на Хашките случаи? Се чини дека по ова прашање постои разногласие во владата.

Маневски: ”Мислам дека разногласие нема. Јас сум дал повеќе изјави околу сето ова. Веќе подолго време се спроведува програма која што значи оспособување на кадрите во РМ – на судии, јавни обвинители за примена на меѓународното хуманитарно право. Таа програма се спроведува во согласност со ОБСЕ и други меѓународни организации кои на одреден начин ги финансираат тие активности што се однесуваат на создавање услови и претпоставки за успешно водење на постапките околу четирите Хашки случаи. ”

Европа ги критикуваше состојбите во македонските затвори. Преземате ли нешто за тие да се подобрат?

Маневски: ”Прво нешто со што се соочив беше прашањето на затворите. Затворите беа оставени со минимални средства - 35% помалку средства во 2006 во споредба со 2005 година. Со ребалансот на буџетот мораа веднаш да бидат обезбедени некаде околу 60 милиони денари заради тоа што беше доведена во прашање функцијата на затворите. Подготвивме програма што беше усвоена од страна на Владата на РМ, која предвидува значителни интервенции во многу казнено-поправни институции. Пред неколку дена ставивме камен-темелник на новиот затвор во Куманово, на крај на август почнува изградба на затворот во Штип, доградба на определен дел, со средства од Европската агенција за реконструкција, некаде околу два милиони евра, во КП Идризово ќе се градат нова котларница, нова пекарница, реновирање на затворот, на затворите во Тетово, Битола, Охрид и.т.н. Значи, во сите институции ќе бидат извршени најконкретни неодложни работи што треба да бидат преземени.”

Минатата есен Македонија побара актуелизирање на истрагата за авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски. Имате ли нови сознанија?

Маневски: ”Да, мислам дека и Владата на РМ презема определени дејства за испитување на одредени состојби во врска со авионската несреќа во која трагично го загуби животот претседателот Борис Трајковски и она што е испитување на определени состојби во врска со смртта на поранешниот министер за внатрешни работи на РМ, Јордан Мијалков. Значи владата и министерствата за правда и за внатрешни работи, се разбира во рамки на нивните овластувања со судските органи во рамки на меѓународната правна помош, ќе собере определени податоци - од српските власти – досието во врска со сообраќајната несреќа, од босанските власти во врска со авионската несреќа во Мостар, од француската влада во врска со функциите што ги извруваа државјани на Франција на аеродромот и.т.н. Значи, веќе е воспоставена агенда на дејства што ги преземаат министерството за правда и за внатрешни работи во врска со овие состојби. ”