1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предупредувања до Грција - солидарноста има граници

Жana Ацеска/ АМ/дпа/ртре9 мај 2012

Поради тешкотиите околу составувањето грчка влада, расте загриженоста во Европа. Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц им се закани на грчките партии со запирање на финансиската помош за земјата.

https://p.dw.com/p/14s1y
Фотографија: AP

„Грчките партии треба да бидат свесни дека стабилна влада, која ќе се придржува на договореното, е основен предуслов за натамошна поддршка од земјите од еврозоната“, изјави претседателот на ЕП Мартин Шулц за денешното издание на весникот „Билд“.

Online-Fragestunde im Europäischen Parlament Martin Schulz
Мартин Шулц, претседателот на Европскиот парламент, потсетува на предусловот за добивање парична помошФотографија: European Union, 2012

Патрик Деринг, генералниот секретар на германската Партија на либералите, коалициски партнер во владата на канцелраката Ангела Меркел, пак, во интервју во истиот весник, се сомнева во можноста за одобрување нов дел од пакетот помош за Грција.

„Доколку во Грција не биде формирана влада на разумот, многу мали се шансите т.н. Тројка во јуни да ја одобри натамошната помош за Грција. Грците сега се‘ држат во свои раце“, порача Деринг.

По парламентарните избори во Грција, во ЕУ расте загриженоста дека во Грција нема да може да се формира стабилна влада поради комплицираните односи на моќ меѓу политичките партии, од кои ниту една нема повеќе од 20 проценти освоени гласови. Се стравува дека презадолжената земја подолго ќе остане без влада, што ќе значи пропаѓање на политиката за нејзин спас.

Тројката, составена од претставници на Европската комисија, Европската централна банка и ММФ, според весникот „Зиддојче цајтунг“ ја откажала планираната посета на Атина во средината на мај. Сите планови за патување се стопирани, нови термини не се закажани. Како причина во Брисел го наведува нужното исчекување од „демократскиот развој“ во Грција.

Нови обиди за нова влада

По неуспехот на конзервативците, сега левицата во Грција прави обиди за состав на влада. Претседателот Каролос Папуљас му го даде мандатот за состав на влада на шефот на сојузот на радикалната левица Алексис Ципрас. Тој денеска треба да води сондирачки разговори за формирање коалиција со лидерите на двете најголеми партии, Нова демократија и ПАСОК. Инаку, партијата на Ципрас ја отфрла досегашната политика на штедење. Ципрас вчера уште еднаш го повтори ставот - за него не важат преземените обврски од финансискиот пакет за спас на Грција, тежок милијарди евра. Претседателот на Нова демократија Андонис Самарас разлутено реагираше на ваквите истапи на радикалнит левичар.

„Она што го бара Ципрас, води директно до истапување на Грција од еврозоната“, истакна Самарас. Тој претходно го врати доверениот мандат за состав на влада, зашто не гледа шанси за стабилна коалиција.

Griechenland Antonis Samaras EU Brüssel ND
Самарас смета дека барањата на Ципрас водат кон излегување на Грција од еврозонатаФотографија: Reuters

Со оглед на големите спротивности меѓу клучните политички партии, на само два дена по одржаните парламентарни избори се‘ поверојатно е одржување на нови избори. Ако Ципрас не успее во составувањето нова влада, топката ќе биде кај шефот на социјалистичкиот ПАСОК Евангелос Венизелос. Во случај и на негов неуспех, за три или четири недели ќе бидат неминовни нови парламентарни избори.

Грција е зависна од помошта на меѓународните кредитори и има итна потреба од свеж капитал - до крајот на јуни се неопходни 30 милијарди евра, во спротивно и‘ се заканува банкрот.