1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предностите и слабостите на флексибилното работно време

Ана Петерс / Симе Недевски5 мај 2013

Се’ повеќе германски компании нудат можност за флексибилно работно време кое на вработените им ги олеснува семејните обврски, слободното време и работата. Но, таа флексибилност има и своја цена.

https://p.dw.com/p/18STG
Фотографија: picture-alliance/dpa

Петок е, 14 часот. Улрике Фернер ја напушта канцеларијата, бидејќи мора да го земе својот тригодишен син од градинка. За нејзиниот работодавач тоа не е никаков проблем, бидејќи таа нејзиното рано заминување ќе го надомести некој друг ден. Таа работи како асистентка во градежната компанија „Кригер и Шрам“ во Дингелштад, која пред една година сојузната влада ја прогласи за најдобра од малите фирми во категоријата „Работно време прилагодено на семејството“. Оној кој тука работи има право на платено место во детска градинка, во канцелариите има дел за пишување домашни задачи, а има уште цела низа занимливи понуди, како организирани масажи и вежби за тело.

Се’ повеќе германски фирми го следат тој тренд. Според податоците на сојузното Министерство за економија, четири од пет компании нудат модел за флексибилно работно време.

Предност и за компаниите

„Флексибилното работно време нуди бројни предности“, вели Роланд Волф, раководител на одделот Работно и тарифно право на Сојузното здружение на германски здруженија на работодавачи (БДА) и објаснува: „Со тоа на вработените им се нуди можност, во согласност со барањата и можностите на фирмите, да ги усогласат своите семејни обрски и работното време“.

Copyright: privat via Anna Peters, DW Chefredaktion Regionen
Улрике ФернерФотографија: privat

Предности има и компанијата доколку е широкограда по прашање на работното време. Имено, задоволните вработени се по правило и поангажирани на работа. Мануела Машке, стручњак за тарифни преговори во Фондацијата Ханс Беклер, блиска на синдикатите, наведува уште една причина: фирмите со флексибилно работно време можат подобро да ги користат своите капацитети. „Кога има многу работа треба повеќе работна сила, а ако има помалку работа тогаш треба и помалку работници“, вели Мануела Машке.

Најважна е големината на компанијата

Големите концерни, како што се на пример Бош, БАСФ или Фолксваген, веќе со години се обидуваат да привлечат стручна работна сила така што нудат посебни поволности коишто се однесуваат на работното време. На такви големи компании им е многу полесно да спроведуваат модели со флексибилно работно време. Но, фирмата „Кригер и Шрам“ од Дингелштад покажува дека тоа го можат и малите компании.

Porträt - Roland Wolf
Роланд ВолфФотографија: BDA

Улрике Фернер е вработена во таа фирма седум години. Колку е оваа компанија флексибилна, се покажало кога оваа асистентка останала бремена. По породилното отсуство најпрво работела со скратено работно време. Потоа решила да работи 20 часа неделно во канцеларија, а 10 часа од дома. Малку по малку го зголемувала работното време. Без разлика на тоа што сега работи со полно работно време, кога нејзиното дете е болно, таа се јавува во канцеларијата и тогаш работи од дома.

Германија како пример

Manuela Maschke ist Expertin für tarifliche Vereinbarungen bei der Hans-Böckler-Stiftung
Мануела МашкеФотографија: Manuela Maschke

Таа флексибилност има и своја цена. Мануела Машке укажува на тоа дека така се губи границата помеѓу приватниот и професионалниот живот. Неодамна анкетата на институтот за истражување на јавно мислење „Арис 505“ покажала дека една третина од вработените редовно работат од дома. Поголемиот број од нив навел оти така можат многу подобро да ги усогласат семејниот живот и работата. Но, истовремено секој втор испитаник критикувал дека таквиот начин на работа доведува до мешање на приватната и професионалната сфера.

Улрике Фернер и сама има искуство со тоа, па затоа советува: „Морате да бидете консенквентни и да кажете: сега е доста“. Кога имате слободен ден, едноставно исклучете го компјутерот. Иако таа флексибилност има цена, Улрике Фернер извлекува позитивен биланс: „Во секој случај сега со детето ги уживам сите предности на флексибилното работно време“.

Роланд Волф е уверен оти таа можност во идина ќе можат да ја понудат се’ повеќе компании. Тој вели дека Германија, покрај скандинавските земји, веќе сега води на тоа поле.