1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предлог-визна либерализација за Македонија

15 јули 2009

Историски миг во односите на ЕУ и Западен Балкан, вака потпретседателот на ЕК и еврокомесар за правда , Жак Баро денеска официјално ја соопшти препораката на ЕК за укинување на визите за Македонија, Црна Гора и Србија.

https://p.dw.com/p/IpjR
Жак БароФотографија: picture alliance/dpa

Еврокомесарите за правда и проширување, Жак Баро и Оли Рен денеска ја соопштија одлуката на Европската комисија да му препорача на Советот на министри на ЕУ укинување на визите за Македонија, Србија и Црна Гора.

„Задоволен сум што можам да ви соопштам за укинување на краткорочните визи за граѓаните на Македонија, Црна Гора и Србија. Ова е историски момент во нашите односи со земјите од Западен Балкан,“изјави Баро. Според него, визната либерализација ќе придонесе за поблиски и почести односи на државјаните на овие три земји со државите од шенген-зоната.

„ Сметам дека ова е многу важен ден за луѓето на Западен Балкан но и за ЕУ“, порача пак еврокомесарот Оли Рен, истакнувајќи дека му причинува големо задоволство да го предложи укинувањето за визниот режим за Македонија, Црна Гора и Србија. За последните две земји, рече Рен, важи условот да исполнат некои од преостанатите услови.

Olli Rehn Pressekonferenz Serbien Kosovo
Оли РенФотографија: AP

Македонија е најдалеку во исполнувањето на условите

И еврокомесарот Баро истакна дека Македонија стигнала најдалеку во исполнувањето на условите за визната либерализација, додека пак во случаите на Црна Гора и на Србија остануваат уште некои критериуми што мора да се контролираат.

Оли Рен изрази надеж дека и наредните неопходни чекори за визната либерализација ќе се одвиваат добро:

„Навистина, овој предлог треба да биде прифатен од земјите-членки на ЕУ до крајот на годината, откако ќе се консултираме и со Европскиот парламент“, истакна Оли Рен. Според него, со одлуката за визната либерализација новите биометриски пасоши од 1 јануари 2010 година ќе им бидат доволни на Македонците, Србите и Црногорците за патување на граѓаните од трите земји во земјите од шенген зоната .

„Во основа, ова ќе значи натамошна европеизација на цивилните општества на Западниот Балкан и е пример дека европската интеграција не е само прашање на интеграција на државите, туку и на луѓето и граѓаните“, порача Рен.

СН/АТ/ дв/ ројтерс/миа

Редактор: Жана Ацеска