1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предизбори во САД - Јасно е дека ништо не е јасно

7 мај 2008

Последното големо одмерување на силите на претседателските кандидати на американските Демократи донесе нерешен резултат: Хилари Клинтон забележа тесна победа во Индијана, Барак Обама убедлива во Северна Каролина.

https://p.dw.com/p/DuxO
Џон Меккејн, Хилари Клинтон и Барак ОбамаФотографија: AP GraphicsBank

Предизборите во Индијана и Северна Каролина беа важни оти тие се последни американски сојузни држави со поголем број на население, па носат и повеќе делегатски места за партиската конвенција во август. Тогаш ќе биде номиниран дефинитивниот кандидат на демократите, кој ќе му се спротивстави на Републиканецот Џон Меккејн на изборите за претседател на САД во ноември годинава. Преостанатите предизбори во шест помали сојузни држави нема ништо побитно да променат во соодносот на делегатските гласови.

Неизвесноста во Индијана траеше до пребројувањњето на последните гласачки ливчиња, за на крајот Хилари Клинтон да победи со 51 насто од гласовите. Барак Обама севкупно може да биде позадоволен: со оглед на победата од 58 спрема 42 насто во Северна Каролина - поубедлива од предвидувањата - ја зголеми предноста во бројот на делегатски гласови за партиската конвенција.


И Клинтон и Обама оптимисти дека ќе бидат номинирани


И покрај поразот во Индијана, Обама може да биде задоволен и затоа што тој испадна потесен отколку што предвидуваа прогнозите. „Убеден сум и ја сакам таа номинација, и убеден сум дека ако му се спротивставам на Џон Меккејн, ќе имаме сериозна дебата околу насоката во која треба да оди земјава“ - изјави Барак Обама.

Хилари Клинтон останува во трката и се надева дека пресудни во нејзина полза ќе бидат гласовите на партиските функционери, кои се исто така членови на изборната конвенција и гласаат спотед свое убедување, за разлика од делегатските гласови од предизборите, кои се директно врзани за одлуката на избирачите. „Верувам дека ќе бидам најдобар претседател и посилен кандидат против сенаторот Џон Меккејн“ - изјави Хилари Клинтон.