1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предвремени избори или не, и какви?

3 февруари 2011

Сите велат „да“ за предвремени избори во државата, но секој поставува свои услови. Партиите јавно или тајно ги подготвуваат своите штабови за нови избори. Во оптек се дури и датуми!

https://p.dw.com/p/Qxql
Во оптек се и и можни датуми за предвремени избориФотографија: PETR STOJANOVSKI

Како можни временски одредници се споменуваат мај, со претходно одложен попис, или јуни или септември, откако ќе стане извесно каде одат преговорите околу спорот за името. Откако минатата година не беше прифатена официјалната иницијатива за предвремени избори, сега СДСМ, по бојкотот на парламентот, тактизира, чекајќи потег на ВМРО ДПМНЕ:

Branko Crvenkovski ist der neue Parteichef von der Partei SDSM
Бранко Црвенковски (СДСМ): Остануваме на барањето за предвремени избори и инсистираме да се создадат сите предуслови за тие избори да бидат ферФотографија: MIA

„Ако Груевски има намера да ги затвори сите критички настроени кон него и неговата власт медиуми, ако има намера да ги злоупотребува јавните фондови и буџетски пари за партиска кампања, тогаш нека не го лаже умот. Може да се случи сам да оди на тие избори. Остануваме на барањето за предвремени избори и притоа инсистираме да се создадат сите предуслови за тие избори да бидат фер“, изјави лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски, вчера (02.02) во Скопје.

Или дијалог, или предвремени избори

Премиерот Никола Груевски пред два дена, за телевизијата А1 рече дека предвремени избори не се приоритет, туку му се дава шанса на спикерот да се врати опозицијата во парламентот и да се обнови политичкиот дијалог, на што инсистираат сите дипломати и меѓународни медијатори. Од друга страна ВМРО-ДПМНЕ, која деновиве ќе ги започне консултациите со своите коалициски партнери во македонскиот блок, смета дека државата не е во политичка криза.

Еден од парламентарците на мнозинството, лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов, пак, вели: „Оваа таканаречена парламентарна криза води кон предвремени избори.“

Партискиот врв на ДУИ, еден ден по средбата Груевски-Ахмети, синоќа (02.02) со став дека како партија и‘ одговараат предвремени избори, но како на држава сега „не и‘ требаат предвремени избори, туку решенија за отворените прашања што го кочат евроатлансткиот пат, пред се‘ името“, изјави потпретседателот на Владата Абдулаќим Адеми.

VMRO DPMNE Gebäude in Mazedonien
ВМРО ДПМНЕ почнува консултации со коалициските партнериФотографија: Petar Stojanovski

Слична изјава предходно за ДВ даде и Теута Арифи, која важи за јавен критичар на предолгото останување на нејзината партија во кабинетот на Груевски без решение за името.

„Најдобро решение е дијалогот. Ако таа варијанта не се спроведе, најдобро е веднаш да се оди на предвремени избори и рекомпонирање на власта. Секое друго решение е непродуктивно за партиите и државата“, изјави за ДВ аналитичарот Алберт Муслиу.

Весникот „Нова Македонија“ неделава објави анкета спроведена од агенцијата „Рејтинг“ со прашањето - што да се прави? Над 44 насто од испитаниците одговориле дека опозицијата треба да се врати во парламентот, а 39 насто се за предвремени избори.

„Природно е Премиерот да тактизира и самиот да одбере кој му е најдобар тајминг за избори. Оваа власт има легитимен мандат. Многумина мислат дека со барање за предвремени избори лидерот на СДСМ се коцка поради лошиот партиски и личен рејтинг, но јас мислам дека Црвенковски добро проценува дека ова е време на перманентна кампања со која може да го мобилизира гласачкото тело и да придобие дел од неопределените“, оцени за ДВ неодамна Атанас Кировски, главен уредник на неделникот „Форум“.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска