1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предвидливи изборни проблеми во Косово

Б. Цани/М.Максимовиќ/БГ5 ноември 2013

Во очекување на официјален став на ЕУ за насилствата кои ги одбележаа локалните избори во Косово, аналитичарите велат дека „катастрофата можела да се предвиди“. Се очекува прегласување.

https://p.dw.com/p/1ABb5
Фотографија: Reuters

Одлуката на косовската Изборна комисија за судбината на изборите во Митровица и во некои други места на северот на земјата се‘ уште не е донесена. Оттаму велат дека тоа ќе се случи по „прегледувањето на сите факти и избирачки ливчиња“. Специјалниот известувач на Европскиот парламент за Косово, Улрике Луначек вели дека изборите на местата каде гласањето беше насилно прекинато не можат да се сметаат за регуларни.

Косовските аналитичари сметаат дека главната одговорност за насилствата на северот ја сносат Белград и пред сѐ меѓународната заедница. Белград „затоа што не го спречил влегувањето на одредени екстремни групи на Косово“, додека меѓународната заедница, која беше задолжена за спроведување на изборите на северот, „не презела доволно мерки на безбедност и заштита на луѓето на избирачките места, како и на гласачите кои сакале да излезат на избори“. Аналитичарот Наим Рашити смета дека „Еулекс и КФОР мораа посилно да ја поддржат косовската полиција и да ги заштитат избирачките места, бидејќи од утрото беше јасно дека екстремните групи подготвуваат насилство“.

Барањето на српскиот вицепремиер Александар Вучиќ за интервенција на српските сили на северот, кои „за 45 минути би ја средиле состојбата“, на Косово се сфаќа како опасна провокација. Министерот за внатрешни работи Бајрам Реџепи изјави дека такво нешто е целосно неприфатливо. Одредени аналитичари сметаат дека насилството е намерно предизвикано за да се укаже дека косовските институции и меѓународната заедница не се во состојба да организираат избори на северот на Косово.

Ulrike Lunacek im Gespräch mit Bahri Cani
Улрике ЛуначекФотографија: DW

Кој е виновен?

Официјален Брисел засега не се огласува со оценка за изборите, но за тамошните аналитичари, исходот бил „предвидлива катастрофа“. Директорот на програмата за Балканот во Меѓународната кризна група, Марко Прелец, вели дека самата подготовка на изборите, во рамките на која имаше бројни пропусти околу избирачките списоци, и не даваа надеж дека ќе се оствари она за што се залагаше ЕУ, а тоа беа фер и демократски избори. Во Балканската група велат дека својата задача не ја оствари ни ОБСЕ, бидејќи гласачките кутии останаа незаштитени, како ни Еулекс и косовската полиција, додека Белград успеал само да ги збуни граѓаните.

„Целиот контекст беше нездрав. Луѓето не знаеја за што гласаат. И оние кои повикуваа на бојкот и оние кои повикуваа на излегување говореа едно исто: ’Слушајте не‘ нас доколку сакате опстанок на српските институции во Косово’. Таму немаше никаква политичка клима да може да се направи разумен избор, а доколку сакате демократија, тоа е минимум“, вели Прелец.

Останува изборните проблеми повторно да се решаваат на високо ниво, на средба меѓу премиерите на двете земји Хашим Тачи и Ивица Дачиќ.

Што се однесува до изборниот процес во другите делови на Косово, таму немаше екстремни нерегуларности, иако граѓаните пријавија повеќе од пет илјади неправилности. Најмногу забелешки имале на избирачките списоци, на кои се најдоа и голем број покојни, но и на притисоци од претставниците на политичките партии на самите избирачки места.

Kosovo Kommunalwahl 2013
Фотографија: Reuters

Улрике Луначек тврди дека изборите во поголемиот дел од Косово биле подобро организирани од претходно. Во прилог на тоа говори и фактот дека сите политички партии го признаа исходот на гласањето. И во мнозински српските општини на југот на земјата, беше забележан одзив од над 45 проценти.