1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предадена власта во Ирак

28 јуни 2004

Два дена пред најавениот термин, очекувано, а сепак изненадувачки, денеска Ирачаните ја презедоа власта во Ирак. На церемонија во главниот штаб на силите на коалицијата предводени од САД, ирачкиот премиер Ијад Алави и американскиот цивилен управник, Пол Бремер ги разменија соодветните документи.

https://p.dw.com/p/AcMh
Од церемонијата на предавање на власта
Од церемонијата на предавање на властаФотографија: AP

Бремер на Алави и на ирачкиот преоден претседател, Гаси ел Јавар им предаде писмо на американскиот претседател, Џорџ Буш со кое САД бараат формално повторно воспоставување дипломатски односи. Алави говореше за историски ден, а американската цивилна управа се прогласи за распуштена.

Висок претставник на цивилната управа изјави дека таа од денеска веќе не постои. Управата беше воведена со декрет во мај минатата година. Предавањето на власта во Ирак значи и враќање на сувереноста на земјата 14 месеци по почетокот на војната. Сепак, американските сили и натаму остануваат во земјата. Затоа,пак, цивилниот управник Бремер, според изјавата на неговиот портпарол, сака да го напушти Ирак што е можно побргу, можеби веќе денеска. Тој, денеска, на церемонијата на предавање на власта, изјави:

”Сите кои имаа каков било сомнеж околу тоа дали Ирак денеска е подобро место отколку пред 14 месеци, треба да ги видат масовните гробници во Хила, или да ги посетат местата каде што Садам задушувал илјадници луѓе или да ги видат келиите за измачување што ги има ширум земјата.”

Со оглед на насилствата во Ирак кои и натаму не престануваат, ирачкиот премиер денеска најави пакет итни безбедносни мерки. Членови на преодната влада не исклучуваат можност од воведување воен закон и полициски час во регионите каде насилството има најголем замав.