1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преговорите за името продолжуваат

Борис Георгиевски 29 февруари 2008

Во Њујорк денеска продолжуваа преговорите за решавање на грчко - македонскиот спор за името. Преговарачите ќе му ги пренесат своите ставови на медијаторот Нимиц. Вашингтoн смета дека решението е важно за двете страни.

https://p.dw.com/p/DFaw
Метју НимицФотографија: Macedonian Information Agency

Пред денешната средба во Њујорк, американскиот Стејт департмент повторно ги повика македонските и грчките власти да се обидат да постигнат компромис за спорот со името.

Портпаролот Том Кејси изјави дека ќе биде многу важно за двете држави да постигнат решение имајќи го предвид престојниот самит на НАТО во Букурешт. „Сакаме уште еднаш да ги охрабриме грчката и македонската влада да соработуваат со посредство на Нимиц со цел да се постигне заемно прифатливо решение за проблемот со името. И сметаме дека тоа е битно за обете држави.

Што се однесува до самитот на НАТО ќе мора да почекаме за да видиме што ќе се случи. Државниот секретар Кондолиза Рајс наредната недела ќе присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, што ќе претставува увертира за самитот. Ќе се разговара за многу теми, меѓу другите и за можноста за проширување на НАТО како и курсот по кој се движат земјите кандидати. Но се уште нема донесено одлука за тоа прашање.“ изјави Кејси.

Вашингтон врши притисок врз Скопје

Помошникот за Евроазија во Стејт департментот, Метју Брајза деновиве призна дека Вашингтон врши притисок врз Скопје да прифати компромис за проблемот за името со Грција, или во спротивно Македонија ќе се соочи со извесното грчко вето за прием во НАТО. „Ветото ќе биде многу полошо за Скопје, отколку за Атина. За Македонија тоа ќе биде многу сериозен стратешки неуспех. Секако тоа нема да биде чекор што нема да остави последици и врз Атина. Ќе има последици за сите доколку пропаднат разговорите за името, и за САД, за ОН, за Атина, Скопје, и за НАТО.“рече Брајза.

Според портпаролот Кејси изминативе денови немало директна комуникација ниту обиди за посредништво од страна на американскиот Стејт Департмент помеѓу Скопје и Атина. „Како што знаете државниот секретар Рајс неодамна се сретна со македонскиот и со грчкиот министер за надворешни работи. Таа ги охрабри обете страни да работат со Нимиц за да се најде решение. Ова е прашање кое постојано е тема на нашите дискусии со Грците и со Македонците, но пораката останува онаа која неодамна ја соопшти државниот секретар Рајс“, рече Кејси.

Американски политички аналитичари со кои разговараше Дојче Веле изминативе денови го сметаат спорот за името меѓу Скопје и Атина за апсурден, но повторуваат дека ќе биде најдобро да се најде компромис пред самитот на НАТО.

Прашањето може да се реши пред Букурешт

Поранешниот лобист на Македонија за приближување кон НАТО, Брус Џексон неодамна побара од двете страни да покажат добра волја во разговорите „ Има нервоза на обете страни и се кажуваат нешта што можеби не би требало да се кажуваат, но сметам дека праашањето е решливо пред самиотот во Букурешт.“ рече Џексон.

„Би било срамота ако Грција стави вето на приемот на Македонија во НАТО“, ни изјави Даниел Сервер од Институтот за мир. Според него, единствено што се бара од Грција во моментов е да стои настрана за САД да го стабилизираат Балканот.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема